Обвинувања од ОБСЕ и Украина: Сепаратистите ја спречуваат истрагата
19 јули 2014Владата во Киев ги обвини денеска проруските сили во Источна Украина дека се обидуваат да ги уништат доказите на местото на падот на малезискиот авион, како и за носење на 38 тела од местото.
„Владата на Украина официјално тврди дека терористи, со помош на Русија, се обидуваат да ги уништат доказите на меѓународните злосторства“, наведено е во денешното соопштение на украинската влада.
Украинските и проруските сили, инаку, се согласија на формирање безбедна зона околу местото кде што се урна авионот, кој најверојатно е соборен, изјави денеска шефот на украинската служба за безбедност Валентин Наливајченко.
Група експерти од Малезија пристигна денеска во Киев за да обезбеди помош во истрагата за Боингот на малезиската компанија „Малезиан ерлајнс“ со 298 патници и членови на екипажот кој падна на територијата на Источна Украина.
Тимот на ОБСЕ не може слободно да ја врши работата
Набљудувачите од Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ОБСЕ, се жалат дека не можат слободно да се движат на местото каде падна малезискиот авион. Тимот пристигна вчера. Набљудувачите имале на располагање само 75 минути за да направат увид на теренот, а потоа биле запрени од вооружени сепаратисти, по што од безбедносни причини се вратиле во Доњецк. Соработниците на ОБСЕ не можеле да најдат никого кој ќе им даде информации за црните кутии од авионот.
Портпаролот на Советот за безбедност на Украина изјави денеска дека црните кутии на малезискиот „Боинг 777“, што се урна во Источна Украина, не се предадени на Киев и тој не располага со информација за нив.
„Нема информација за црните кутии. Ниту една од нив не е предадена на украинската страна“, изјави Андриј Лисенко.
Украинските власти се надеваат дека сепаратистите сепак ќе се повлечат од местото каде паднал авионот и ќе овозможат истрага.
Украинските спасувачи ги открија телата на 186 загинати
На местото на несреќата на малезискиот „Боинг 777“ во Доњецката област се пронајдени телата на 186 загинати, а потрагата опфаќа површина од 25 километри квадратни, соопшти денеска Државната служба на Украина за вонредни состојби.
Шефовите на операцијата како место за потрага одредија површина од 25 километри квадратни, која ги опфаќа селата Московское, Расипное, Грабово, Стрјуково и Грабовската акумулација, се наведува во соопштението. Досега е проверена територија од 18 квадратни километри. Во операцијата учествуваат сто соработници на Службата за вонредни состојби, нуркачи, и 18 единици за техника, како и 70 лица од украинското МВР.
Киев: Имаме „релевантни докази“ дека Руси го собориле малезискиот авион
Украинските власти денеска соопштија дека располагат со „релевантни докази“ оти малезискиот авион бил соборен од ракетен систем со кој управувале руски државјани.
„Имаме релевантни докази дека овој терористички чин е извршен со помош на Руската Федерација. Знаеме дека тимот на (ракетниот) систем бил составен од руски државјани“, изјави раководителот на украинската контраразузнавачка служба Виталиј Најда.
Тој воедно побара од Русија да и ги достави на Украина „имињата на луѓето од тимот“, кој според него го соборил авионот, со цел да може да бидат сослушани од украинските власти.
Меркел и Путин за меѓународна истрага на авионската несреќа
Германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин сметаат дека е неопходно спроведување на меѓународна истрага за утврдување на причините за падот на малезискиот авион, соопшти прес-службата на германската влада. Во соопштението се посочува дека Меркел и Путин имале телефонски разговор во кој се согласиле дека истрагата треба да ја спорведе независна меѓународна комисија под раководство на Интернационалната организација за цивилно воздухопловство.
Комисијата терба да има брз и сигурен пристап до местото на несреќата, да ја утврди состојбата и да ги извлече телата на загинатите, се нагласува во соопштението.
Меркел побарала од Путин и „да го искористи своето влаијание“ врз проруските сепаратисти за постигнување примирје во источна Украина.
Кремљ од своја страна соопшти дека Меркел и Путин при разговорот се согласиле дека е „важно да се спроведе објективна и сеопфатна истрага“, при што германската канцеларка „позитивно ја оценила подготвеноста на Руската Федерација да испрати свој претставник во истрагата“.
Русија возвраќа на американските санкции
Москва пак презеде соодветени мерки како реакција на новите американски санкции кон физички и правни лица од Русија, соопшти денеска портпаролот на руското Министерство за надворешни работи Александар Лукашевич. Како што јави Итар-Тасс, руското Министерство за надворешни работи на својата интернет страница објави листа на 12 американски државјани на кои им се забранува влез во Русија поради „кршење на основните човекови права и слободи“.
Според Министерството, Американците на кои им е забранет влез во Русија се поврзани со измачување на приведени лица во американските затвори Абу Граиб во Ирак и Гватанамо на Куба.