1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама: Цeлта да се победи Ал Каеда е достижна

Кај Кистнер/ Александра Трајковска2 мај 2012

Една година по убиството на Осама бин Ладен американскиот претседател Барак Обама престојуваше во ненајавена посета на Авганистан, во текот на која најави крај на војната. Победени ли се талибанците?

https://p.dw.com/p/14nmG
Фотографија: AP

Американскиот претседател Барак Обама ги посети американските војници стационирани во близинa на Кабул, во базата Баграм. Говорот пред нив беше пренесуван и од американската телевизија.

„Американците нема да ги изложувам на опасност ниту ден повеќе од она што е апсолутно неопходно за нашата национална безбедност. Но работата која ја започнавме во Авганистан мораме да ја извршиме и оваа војна одговорно да ја завршиме“, изјави претседателот и подвлече дека повлекување на трупите порано од планираното не доаѓа предвид, бидејќи тоа може да го загрози успехот во борбата против Ал Каеда.

Авганистанците нема да бидат оставени на цедило

До 2014 година западните трупи треба да ја предадат одговорноста за бебедноста во рацете на Авганистанците. Повторно стана видливо дека американскиот претседател постојано мора да испраќа две пораки. Едната порака е за Американците, дека властите наскоро ќе ги вратат трупите дома. Втората е за Авганистанците, дека и покрај тоа нема да бидaт препуштени сами на себе. Овој сигнал на пример треба да произлезе од стратегискиот договор, кој го потпишаа американскиот претседател Обама и неговиот авганистански колега Хамид Карзаи во Кабул.

Obama Karzei Abkommen Kabul Afghanistan
Фотографија: AP

„Договорот што го потпишавме испраќа јасна порака до Авганистанците. Додека не застанете на сопствени нозе, не сте сами. Тоа е базата за нашата соработка за наредната деценија и ги опфаќа заеднички ветувања за борба против тероризмот и зајакнување на демократските институции“.

Обама дополлни дека нема перманентно да се одржуваат бази, ниту ќе се вршат патроли во градовите и планините, тоа е задача на Авганистанците.

До мир преку преговори со талибанците

Американскиот претседател ја искористи пригодата и да потсети на важна годишнина. Најверојатно не е случајност, што американскиот претседател точно една година по убиството на најбараниот терорист во светот престојуваше во Авганистан, местото каде Осама бин Ладен ги планирал нападите од 11 септември.

„Пред една година, од една база овде во Авганистан, нашите трпи ја стартуваа операцијата при која беше убиен Осама бин Ладен. Целта која ја поставив да се победи Ал Каеда и да не се дозволи организација да се реорганизира е достижна“.

Неспорно е дека терористичката организација во граничниот регион меѓу Пакистан и Авганистан навистина е многу заслабена, но талибанците и тоа е сигурно се’ уште не се победени.

„Се залагаме за мир преку преговори. Во согласност со авганистанската влада мојата администрација водеше директни преговори со талибанците. Јасно кажавме, дека ти можат да бидат дел од нашата иднина, доколку прекинат со Ал Каеда, се откажат од насилството и се придржуваат до авганистанските закони“.

Меѓутоа решение кое потекнува од преговарачка маса се’ уште се чини далечно. Неодамна талибанците соопштија дека започнатите преговори привремено ги замрзнуваат.