1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама сведува биланс на новата стратегија за Авганистан

16 декември 2010

Една година по најавата за новата стратегија за Авганистан, американскиот претседател Барак Обама денеска треба да поднесе извештај за текот на ангажманот.

https://p.dw.com/p/Qd2t
Американскиот претседател со војниците во АвганистанФотографија: AP

Американската влада цврсто верува дека е на вистинскиот пат, како што истакна министерот за одбрана Роберт Гејтс при неговата последна посета на Авганистан мината недела: „Ќе отпатувам убеден дека нашата стратегија делува. Ќе бидеме во состојба да ги оствариме главните цели.“

Зголемување на трупите и повлекување од 2011 година

Нив ги зацрта американскиот претседател Барак Обама минатата година при говорот во воената академија Вестпоинт: „Не смееме да и’ оставиме на Ал Каеда безбедно место за повлекување. Мораме да ги запреме талибанците и не смееме да им дадеме шанса да ја преземат владата. Мораме да ги зајакнеме авганистанските сили за безбедност за да можат да ја преземат одговорноста за иднината на својата земја.“

Во декември 2009 година Обама нареди зголемување на бројот на војниците за 30.000, повлекувањето би требало да почне во 2011, а до 2014 одговорноста за безбедноста да им биде предадена на Авганистанците. Од тогаш дополнителните американски сили се борат во провинцијата Хелманд на југот, како и на северот на земјата, каде оперираат и германските сили во рамките на НАТО. Но, воените успеси се само умерени. Бројот на цивилните жртви и натаму е висок. Министерот за одбрана е релативно задоволен: „Напредокот ги надмина моите очекувања. Талибанците контролираат денес многу помалку територија во споредба со состојбата пред една година.“

Obama Afghanistan Bagram
Обама во АвганистанФотографија: AP

Малите успеси влеваат надеж

Малите успеси, како на пример протерувањето на талибанците од градот Нава, им влеваат надеж на Американците дека одговорноста ќе може да им ја предадат на Авганистанците веќе наредната пролет. Но, до сега Ал Каеда не е вистински поразена. Исто така и обуката на авганистанските сили трае подолго отколку што првобитно се очекуваше, иако се забележани мали успеси.

Меѓутоа, според набљудувачите, обуката на авганистанските сили за безбедност нема да може да заврши пред 2014 година. Во билансот на американската влада денеска ќе се зборува и за оваа тема, покрај Талибанците и Ал Каеда.

Автор: Ридигерт Паулерт/ Александра Трајковска

Редактор: Горан Чутаноски