1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама: на глобализацијата и е потребна корекција на курсот

БГ
16 ноември 2016

Глобализацијата му донесе многу економски придобивки на светот но потребна и е „корекција на курсот“ за да се намали растечката нееднаквост, порача претседателот на САД Барак Обама од Атина

https://p.dw.com/p/2SmfJ
Griechenland Rede US-Präsident Barack Obama in Athen
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P.M. Monsivais

Во еден од своите последни говори пред истекувањето на мандатот, американскиот претседател Барак Обама од Атина порача дека светот мора да се соочи со растечката нееднаквост, растот на популизмот и национализмот и се обиде да ги увери европските сојузници дека традиционалното трансатлантско партнерство ќе продолжи, без оглед на изборот на Доналд Трамп за претседател.

„Глобалниот пат на глобализацијата бара корекција на курсот. Кога ќе видиме дека некои луѓе, глобални елити, богати корпорации живеат според други правила, избегнуваат даноци, манипулираат со некои пропусти... тоа создава длабоко чувство на неправда“, рече Обама.

Претседателот во заминување предупреди дека светот мора да се одбрани од „растот на тврдиот национализам, етнички идентитет или трибализам кој е изграден врз (поделбата на) 'нас' и 'нив'“.

Европските влади, особено источните држави кои се поблиску до руската орбита, се потресени по изјавите на Трамп во кои тој ги доведе во прашање безбедносните гаранции кои произлегуваат од членството во НАТО. 

Griechenland Athen - Barack Obama
НАТО е „апсолутно витален“ за интересите на САД, а силна и обединета Европа е добра за САД и за светот, рече Обама.Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P. M. Monsivais

Обама се обидуваше да ги смири сојузниците, повторувајќи дека Европа и НАТО ќе останат темели на американската надворешна политика.

НАТО е „апсолутно витален“ за интересите на САД, а силна и обединета Европа е добра за САД и за светот, рече Обама.

Од Атина, Обама продолжува за Берлин каде го очекува канцеларката Ангела Меркел, но и лидерите на Британија, Франција и Италија.

За време на посетата на Грција, Обама беше „поздравен“ и од протести на улиците на Атина. Неколку илјади луѓе протестираат против империјализмот на САД а Обама го нарекоа „персона нон грата“. Полицијата употреби солзавец и шок-бомби за да ги разбие протестите.