1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама и Путин - покер во врска со Асад

Геро Шлис/ Зоран Јордановски29 септември 2015

Во говорите пред Генералното собрание на ОН претседателите на САД и на Русија не се поштедија од меѓусебни критики. Но, зад кулисите сепак заеднички работат за изнаоѓање решение за сирискиот конфликт.

https://p.dw.com/p/1GfH1
Фотографија: picture-alliance/dpa

Барак Обама и Владимир Путин, според очекувањата, не можеа во синоќешниот двочасовен разговор да се усогласат околу идната улога на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Но, барем изгледа дека тие биле согласни оти крвавиот 4-годишен конфликт во Сирија не може да се реши со војска и со примена на сила, туку само со дипломатија.

Конфронтација наместо кооперација

Разговорот, според изјавите на обете страни, поминал во работна и конструктивна атмосфера. Тоа не можеше безусловно да се очекува по конфронтирачката размена на удари во говорите на двајцата лидери пред Генералното собрание на ОН. Како искусни играчи на покер тие испраќаа сигнали на сила и решителност. Но, вратата остана подотворена за дипломатско решение на сирискиот конфликт, оти обајцата не ги открија до крај своите карти.

Obama Putin: Das Treffen am Rande der UN-Vollversammlung
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

По масивното кршење на човековите права од страна на „тиранинот“ Асад е неможно враќање на статус кво од пред војната, рече Обама во ОН. Но, сепак се чини дека тој е подготвен да го толерира Асад за одреден преоден период: „Реализмот понекогаш диктира болни компромиси, тој диктира и регулиран пат за отстранување на Асад“, рече Обама во говорот. Претходно со изјавите на министерот за надворешни работи Џон Кери беше комуникативно подготвувана можната промена на позицијата на САД. „Американците велат дека Асад би можел да биде дел од преговарачкиот процес. Но во одреден момент тој ќе мора да ја напушти функцијата“, оцени за ДВ експертот за Русија Мелвин Келб од Брукингс Инститјушн.

Претседателот на Русија го означи како „енормна грешка“ несоработувањето со Асад и неговите воени сили во борбата против терористичката милиција „Исламска држава“ (ИД). Интервенцијата на Западот во Либија и Ирак, спротивна на меѓународното право, го предизвика сегашниот хаос во двете земји; тоа не би смеело уште еднаш да се случи во Сирија, рече Путин во настапот во ОН. Тука тој не го спомна Асад. „Од надвор погледнато, можеби има одреден маневарски простор за компромиси“, вели за ДВ Пол Шварц од Центарот за стратегиски студии. Според него, повикот за формирање меѓународна коалиција во борбата против ИД, во која и САД би играле улога, бил „конструктивен потег“ на Путин.

Мудра игра на Путин

Обајцата претседатели во говорите речиси ја демонизираа Исламската држава. „Мислам дека двајцата веројатно ќе се здружат во борбата против ИД“, смета Шварц и укажува на изричната понуда за разговор што Обама и’ ја упати на Русија. Одвај и да имаше друг избор, велат мнозинството експерти. „Од дипломатски агол на гледање, Путин одигра многу мудро и многу ефективно. Многу е тешко за било кој западен лидер, па и за Обама, да не му се приклучи на Путин“, нагласува Мелвин Келб, експерт од од Брукингс Инститјушн. Тој констатира: на Блискиот Исток веќе никој не може да го одбегне Путин.

Bildkombo UN Generalversammlung Russland USA Wladimir Putin Barack Obama
Фотографија: Reuters/M. Segar

Во Сирија соработка, кај Украина и натаму конфронтација

Ни Обама навести, ниту експертите очекуваат руската готовност за соработка за смирување на сириската криза да биде наградена со ублажување на санкциите поради украинската криза. „Ни Путин, ниту било кој друг има илузија дека тоа ќе води кон укинување на санкциите“, категоричен е Метју Ројански од Вилсоновиот центар во Вашингтон. Ист е ставот и на Пол Шварц.

Но, многумина набљудувачи сметат дека не е случајно што иницијативата на Путин за Сирија дојде токму на кулминацијата на бегалската криза. „Дел од руската стратегија е да ја заслабне поддршката за санкциите на ЕУ против Русија со тоа што Путин вели дека има решение на бегалската криза. Оти, за ЕУ веќе не е најважна безбедносна закана руската интервенција во Украина, туку бегалската криза“, вели Шварц.