Обама ги поддржува македонските интеграции
25 септември 2012Македонскиот претседател Ѓорге Иванов вчера во Њујорк имаше средба со американскиот претседател Барак Обама, како што јавува агенцијата МИА.
На средбата, за време на приемот за шефовите на делегации кои присуствуваат на Генералното собрание на Обединетите нации, македонскиот претседател Иванов побарал да продолжи поддршката што САД ја даваат на Македонија за добивање на покана за членство во НАТО.
Обама истакнал дека САД даваат силна поддршка за интеграцијата на Македонија во НАТО. Американскиот претседател воедно изразил благодарност за придонесот што Македонија го дава во воените мисии како што е мисијата во Авганистан.
Американскиот претседател на средбата со шефот на македонската држава го охрабрил дијалогот на Македонија и Грција за надминување на спорот за името, во надеж дека ќе се дојде до решение. Обама рекол дека знае оти е потребно да се работи за реализирање на македонскиот влез во НАТО.