1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски сега игра на сѐ или ништо

Б. Георгиевски/нцц/зц13 март 2015

Анализа на швајцарскиот весник „Ноје Цирхер Цајтунг“ за состојбата во Македонија по откривањето на скандалот со прислушувањето. Она што ги раздвојува власта и опозицијата се тешки кривични дела, се вели во текстот.

https://p.dw.com/p/1EqAy
Фотографија: DW/P. Stojanov

„Мочуриште од уцени, злоупотреба на моќта и корупција“, со овие зборови известувачот на швајцарскиот „Ноје Цирхер Цајтунг“ ја опишува состојбата во Македонија по откривањето на скандалот со прислушувањето. Во подолгата анализа на состојбата, авторот наведува дека „аферата потсетува на надреалистичка театарска претстава“.

„Секојдневно нови актери излегуваат на виделина кои доаѓаат до збор благодарение на распространетото прислушување. Се откриваат скандалозни и срамни нешта, а публиката повеќе не знае дали да гледа или да мижи. Сѐ започна со еден патетичен настап кон крајот на јануари. Премиерот Никола Груевски ја прекина ТВ-програмата и сподели со нацијата дека бил спречен обид за пуч од страна на лидерот на опозицијата Зоран Заев.(...) Целта според Груевски била, преку притисоци да се постигне она што на опозицијата не и‘ поаѓа од рака од изборите во 2006 година: доаѓање на власт.

(...) Во февруари следуваше вториот чин. Заев најави дека ќе открие серија бомби. Во една серија од откритија, инсценирани пред публика и новинари, беа објавени аудио-снимки и записници од прислушување. Тие покажуваат една катастрофална слика за владеењето на Груевски. Но, дали се снимките оригинални? Сето не можело да биде фалсификувано, затоа што дел од протагонистите без сомнение се препознаваат во документите. Сега правосудството треба да се вмеша во најголемиот скандал од независноста на Македонија. (...) Проблемот е само во тоа што и самото судство е длабоко дискредитирано поради снимките.

(...) Покрај судството и медиумите биле во визирот на македонскиот ’Голем брат’. Прислушувани биле не само критичките новинари, туку и оние кои му се верни на Груевски.

(...) Во последните објавени снимки, опозицијата гледа докази и за манипулации со изборите. Бил вршен притисок врз државните службеници да гласаат за владејачката партија. Уценувани биле и приватни фирми и зависеле од добрата волја на моќниците.

(...) Особено непријатни за владата се телефонските разговори во кои министрите зборуваат за својот шеф. Економската политика на Груевски е ненормална, вели министерот за финансии. Министерката за внатрешни работи оценува дека тој е ’забеган’.

Опозицискиот лидер Заев сега бара преодна влада, која ќе треба да организира нови избори. Таа ќе мора да биде составена од неизвалкани политичари. Нивниот број се намалува секоја недела. За да се избегне несакано сценарио и да се спречат немири или нешто полошо, се вмеша и ЕУ. Комесарката за надворешна политика Федерика Могерини нуди посредништво меѓу партиите. Македонија е веќе десет години кандидат за членство во ЕУ, но не може да почне преговори поради грчкото вето. Тоа е една од главните причини за назадувањето на земјата, која пред десет години беше сметана за пример на мултиетничка држава на Балканот.

Некои набљудувачи се сомневаат дали посредништвото на ЕУ е вистинскиот пат за излез од кризата. Она што ги раздвојува власта и опозицијата, повеќе не се политички разлики, туку можни тешки кривични дела. Околу тоа не може да се преговара. Тоа бара судска истрага. Дека македонското судство може да спроведе таква независна истрага е незамисливо. Исто толку неверојатно е дека Груевски ќе дозволи тоа да го стори меѓународна истражна комисија. За него сега се работи за сѐ или ништо“, пишува швајцарскиот НЦЦ.

Грчките репарации

Водечка тема во германските медиуми инаку и натаму е кавгата со Грција околу репарациите од Втората светска војна. „Зиддојче цајтунг“ во редакцискиот коментар бара смирување на страстите по ова прашање од обете страни.

„Пораката од Атина гласи: ние не сме просјаци, напротив, со вас имаме уште неколку отворени сметки. Потсетете се! Потсетувањето на минатото секогаш е чувствително прашање. Онаму каде што ќе се вмеша политиката, сериозното историско истражување тешко е можно. Затоа не е од голема помош кога Ципрас се става во улога на судски извршител со надеж дека Грците нема да забележат оти неговата влада веќе не е толку силна, како на почетокот. Дека на пример, мораше во земјата повторно да ги прими контролите на државниот буџет.

Берлин притоа на секојдневните напади од Атина реагира нервозно, со фрустрација и со неразбирање. И наместо да разговараат едни со други, тие разговараат едни за други“, коментира Зидојче цајтунг.