Нојер е фудбалер на годината, Лев најдобар тренер
10 август 2014Спортските новинари, под „капата“ на магазинот „kicker“, по 55. пат гласаа за најдобри фудбалери во машка и женска конкуренција, како и тренер на годината. Од вкупно 701 глас, за Мануел Нојер гласаа 144, додека за Лев 248 новинари. Во женска конкуренција, за најдобра е прогласена Александра Поп од Волфсбург.
Нојер за „kicker“ изјави дека е изненаден и почестен: „Не сметав на такво нешто, иако сум, се разбира, свесен дека имав добри постигнувања. Годинава станавме светски прваци. Овој избор има дополнително значење“.
Нојер беше релативно малку подобар од Марко Ројс од Борусија Дортмунд, кој освои 135 гласови на новинарите и кој го пропушти светското првенство поради повреда. На трето место е Томас Милер од Бајерн Минхен. Меѓу првите десетмина има уште четворица фудбалери на Бајерн Минхен и тоа Арјен Робен (4.), Филип Лам (5.), Бастијан Швајнштајгер (6.) и Тони Крос (8.)
Селекторот Јоахим Лев на веста за признанието рече дека е тоа „голема чест и посебен момент во неговиот развој како фудбалски тренер“. Лев со 248 гласови беше убедливо подобар од второпласираниот Маркус Вајнцирл (152), кој успеа со новопечениот прволигаш Аугсбург да стигне на доброто осмо место во Бундеслигата минатата сезона. На трето место од тренерите е Пеп Гвардиола, кој освои само 89 гласови.
Во женска конкуренција, Александра Поп со 97 гласови ги остави зад себе Мартина Милер (91 глас) и други две колешки од нејзиниот клуб Волсфбург.