Нов обид на САД за сузбивање на високите цени на нафтата
31 март 2022Администрацијата на американскиот претседател, Џо Бајден, ја разгледува можноста пушти до 189 милиони барели нафта од стратешките резерви (СПР) на пазарот во тек на неколку месеци, бидејќи Белата куќа настојува да ги собори високите цени на горивата, јавува агенцијата Ројтерс повикувајќи се на три извори запознаени со планот.
Тоа би било третпат во последните 6 месеци САД да ги користат своите стратешки резерви да ги „оладат“ цените на пазарот на нафта и воедно е најголемо количество пласирано на пазарот во речиси 50 годишната историја на СПР.
Досегашните обиди да се сузбие растот на цените на нафта со резервите не беа успешни, бидејќи светската побарувачка достигна ниво како речиси пред пандемијата, додека понудата е недоволна на глобално ниво.
Вестите за потенцијалното огромно „ослободување“ на нафта од резервите на САД предизвика моментален пад на цените за „црното злато“.
Бајден денеска ќе го изнесе планот за интервенирање на неговата администрација на нафтениот пазар, соопшти Белата куќа.
Цените на нафтата нагло пораснаа откако Русија ја нападна Украина на крајот на февруари. САД и нејзните сојузници поради акциите во Украина воведоа огромни санкции против Русија, која е втор најголем извозник на нафта во светот. Русија порано месецов, нафтата Брент ја зголеми на околу 139 долари, што е највисоко ниво од 2008 година, а утринава во Азија се продаваше по цена околу 110 долари за барел.
Русија е еден од најголемите светски производители на нафта, со речиси 10 отсто удел на пазарот. Земјата дневно извезува 4,0 - 5,0 милиони барели.
Санкциите и одбивањето на купувачите да купат руска нафта би можеле да отстранат од глобалниот пазар околу 3,0 милиони барели руска нафта дневно почнувајќи од април, соопшти Меѓународната агенција за енергетиика.
Американските стратешки резерви на нафта во моментов изнесуваат 568,3 милиони барели, што е најмала количина од мај 2002 година, според информациите на американското Министерство за енергетика.
Организацијата на земјите извезувачки на нафта и нејзините сојузници, групата произведувачи позната како ОПЕК+, која ги вклучува Саудиска Арбаија и Русија, треба денеска да се сретнат за да се договори идното ниво на производство. САД, Британија и другите земји кои се големи потрошувачи веќе подолго време го повикуваат ОПЕК+ брзо да го зголеми пумпањето.