1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов контингент на АРМ замина во Авганистан

ЖА/макфакс14 јануари 2013

Денеска (14.01) во касарната „Јане Сандански” во Штип се одржа свеченост по повод испраќањето на контингент на АРМ од составот на Првата механизирана пешадиска бригада во мировната мисија ИСАФ во Авганистан.

https://p.dw.com/p/17JNs
Фотографија: DW

На свеченоста свое обраќање имаше министерот за одбрана на Македонија, Фатмир Бесими кој воедно разговараше со припадниците на контингентот за нивната подготвеност да одговорат на задачите кои им претстојат во текот на мисијата.

„Многупати досега е повторувано огромното значење на мисијата во Авганистан,
пред сe‘ за меѓународниот углед и за позицијата на нашата земја, за нејзиното
евроатлантско интегрирање и за општите консеквенци по светскиот и регионалниот мир и безбедност. Историјата на нашите миротворци во Авганистан ги потврдува одличните резултати кои ги постигнуваат припадниците на АРМ со својот професионализам и одговорност кон задачите што од нив ги бара благородната мисија“, оцени Бесими.
Тој нагласи дека екстремно сложените, безбедносно-ризични и воено-чувствителни услови во кои тие дејствуваат во рамки на меѓународната мисија ИСАФ во тој нестабилен регион, му дава апсолутно право, како што подвлече, да ги нарече светски миротворци и најголеми репрезенти на Република Македонија надвор од границите на државата.

На испраќањето на контингентот на АРМ за мисијата ИСАФ присуствуваа останати високи претставници од државниот и воен врв како и претставници од локалната самоуправа.

Во 14-тата ротација на мировната мисија ИСАФ во која АРМ учествува со механизирана пешадиска чета, во Авганистан заминаа 157 припадници на АРМ од кои 150 се припадници на механизираната пешадиска чета, двајца штабни офицери во командата на ИСАФ и 5 припадници на АРМ во составот на наменските сили за партнерство и советување. „Скорпиите” во наредните шест месеци ќе бидат задолжени за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул. За досегашното извршување на задачите и интероперативноста со силите на Алијансата во мисијата ИСАФ, припадниците на АРМ од командата на ИСАФ и од високите командни структури на Алијансата добиваат највисоки оценки.

(На фотографијата-еден од поранешните контингенти на АРМ во Авганистан)