Нови борби во Источна Украина
1 јуни 2014Украинските владини трупи со воени хеликоптери и оклопни возила повторно се во акција против проруските сепаратисти во нивното упориште Славјанск. Владините војници нападнале позиции и улични барикади на сепаратистите, како што јавуваат медиумите од источниот дел на земјата.
Портпарол на сепаратистите изјави дека заради безбедност многумина жители на Славјанск се имаат засолнето во подрумите. Друг дел, претежно жени и деца, со автобуси го напуштиле градот.
Деветмина исчезнати набљудувачи од ОБСЕ
И натаму нема веродостојни информации за судбината на заробените набљудувачи од Организацијата за европска безбедност и соработка. Портпарол на промосковските сили ги демантираше извештаите според кои набљудувачите веќе се пуштени на слобода. Соработник на ОБСЕ исто така изјави оти нема потврда за ослободување на нивните членови.
За исчезнати се водат вкупно девет соработници на ОБСЕ. Откако уште во понеделникот беше прекинат секаков контакт со група од четворица набљудувачи од ОБСЕ меѓу Доњецк и Луганск, од четвртокот централата веќе не може да воспостави врска ни со петчлен тим на организацијата, кој последно бил лоциран во кварт на Луганск.
Рускиот амбасадор во ОБСЕ Андреј Келин вчера соопшти дека неговата влада води разговори со сепаратистите во Источна Украина околу исчезнатите набљудувачи од ОБСЕ. Должината и резултатот на преговорите се целосно неизвесни, истакна Келин за агенцијата Итар Тас.
Зголемено присуство на НАТО во Полска?
Во меѓувреме германското министерство за правда соопшти за размислувања во НАТО да се зголеми неговото присуството во Полска, со оглед на кризата во Украина. Постепеното засилување на мултинационалниот корпус Североисток во Штетин ќе биде тема на средбата на НАТО-министрите за одбрана утре во Брисел, изјави портпарол од министерството во Берлин. Дали идејата ќе се реализира, останува отворено прашање.
Единицата во обичен случај е составена од војници првенствено од Германија, Полска и Данска, но по потреба може да биде пополнувана со натамошни трупи. Порано таа учествуваше често на заедничките маневри во Полска. Полска поради кризата во Украина побара преместување на дополнителни трупи на НАТО на нејзина територија, чусвтвувајќи се загрозена од Русија.