1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот европски јаз

Кристоф Хаселбах / Превод: Симе Недевски6 ноември 2014

Европа е многу загрижена поради економската состојба во Франција и во Италија. Двете големи членки на ЕУ би можеле да го загубат приклучокот со останатите, смета коментаторот на ДВ, Кристоф Хаселбах.

https://p.dw.com/p/1Dh9E
Фотографија: Reuters/Y. Herman

Клучниот резултат од есенските прогнози за земјите-членки, кој го претстави Европската комисија, не е прогнозаta на економски развој која е значително корегирана - кон надолу! Клучниот резултат е трајната економска поделба на Европа на добитници и губитници. Но јазот не оној на кој сме навикнати. Поводи за загриженост на Комисијата веќе не и’ „нудат“ Грција, Шпанија или Ирска. Ирците се дури на врвот на целата ЕУ кога станува збор за стапката на предвиден раст. И Шпанија напредува веќе некое време. А дури и во Грција на повидок се подобри денови.

Не, најголемите грижи денес доаѓаат од Франција и Италија, втората и третата по големина национална економија во еврозоната. Францускиот дефицит расте и покрај мерките на штедење - до 2016. година би можел да стане најголем во монетарната унија. Италија веќе со години не успева да излезе од економска стагнација, а ја мачи и гигански долг, најголем во целата Европска Унија.

Изгледа дека не може без притисок

Ирска и Португалија се најдоа под притисок од меѓународните финансиери, мораа да штедат и да спроведат реформи. Некои други земји, како балтичките, тоа го направија сами и без туѓа помош. Франција и Италија се „одмораа“ и така си наштетија самите себеси. Едноставно тоа мора да се каже отворено: им недостасуваше притисок. Дури и Европската Комисија, која всушност треба да ги дисциплинира членките, во случајот на Франција и на Италија беше широкограда. И Европската централна банка (ЕЦБ) им помогна да ги пребродат најтешките денови. Кога шефот на ЕЦБ Марио Драги во летото 2012. година вети дека ќе стори се’ да го спаси еврото, па дури е подготвен во неограничен обем да ги купува обврзниците на презадолжените земји, тој со една реченица ги смири турбуленциите на финасиските пазари.

Тој тогаш рече и дека со тој потег не може да го „преземе“ и спроведувањето на неоходните структурни реформи во проблематичните земји. Слично беше и со отстапката на Комисијата за редуцирање на дефицитот: погодените земји треба да добијат повеќе време да го направат она што е потребно за повторно да можат да остваруваат економски раст. Во реалноста изгледа дека некои од земјите погрешно ја сфатија политиката на ЕЦБ и на Комисијата, под мотото: не ни мораме да штедиме, ако загусти ќе ни помогне некој друг. Тоа изгледа го имаше на ум и потпретседателот на Комисијата, Јирки Катанинен, кога на претставувањето на есенската прогноза рече дека членството во монетарната унија на некои земји им дало „лажно чувство на сигурност“.

Deutsche Welle Christoph Hasselbach
Кристоф Хаселбах, aвтор на коментаротФотографија: DW/P. Henriksen

Француско-фински контраст

За време на претставувањето на есенската прогноза не беа впечатливи само резултатите, туку и заедничкиот настап на двајцата надлежни комесари. Во новата структура Французинот Пјер Московиси (на насловната фотографија десно) е задолжен за економија, а Финецот Јирки Катаинен (на насловната фотографија лево) како потпретседател на Комисијата е на чело на „супериорниот“ сектор за работни места и за раст. При барањето на Московиси во Брисел за програми за раст за цела Европа, неговата реторика беше идентична со реториката која тој ја користеше додека беше на функцијата министер за финансии во Париз. Тој се плаши дека луѓето би можеле да „очајуваат“ над европскиот проект доколку политиката не се погрижи за повисока стапка на вработување. Со задоволство би сакале да знаеме дали тој како комесар би прифатил во тој контекст и зголемување на долговите?

Сувопарниот Финец, кој излез од кризата гледа најпрво во структурните реформи и зголемување на нивото на конкурентност, јасно кажа дека и за инвестиции не би требало да се преземаат нови долгови. Политичка безизлезност против национални калкулации, државни иницијативи против сопствена одговорност - дуетот во Брисел не можеше да се презентира со поголема доза на различни погледи. Набљудувачите имаа иритирачко чувство како за Комисијата „некако се’ да е во ред“. Претседателот на Еврокомисијата Жан-Клод Јункер можеби со новата структура на Комисијата сакаше да го етаблира системот на меѓусебна контрола. Но одлуката ќе биде погрешна доколку се покаже дека системот продуцира содржинска произволност или меѓусебна блокада. Првиот двоен настап на европските комесари го потврди она што го мислат критичарите на Јункеровиот модел.