1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарите во стапицата на популистите (францускиот случај)

30 октомври 2021

Брилијантниот полемичар од крајната десница Ерик Земур предизвика политички земјотрес во Франција со најавата дека ќе се кандидира за претседател. Медиумите се во голем ризик да му помогнат да ги засили неговите шанси.

https://p.dw.com/p/42N2n
Ерик Земур–  екстремно десничарски полемичар и  популарен телевизиски водител во Франција
Ерик Земур– екстремно десничарски полемичар и популарен телевизиски водител во ФранцијаФотографија: Bertrand Guay/POOL/AFP/Getty Images

Се сеќавате ли на она злокобно предупредување од првата сезона на легендарната серија „Твин пикс“: „It is happening again“ (Тоа се случува повторно) – му вели добродушниот џин на агентот Дејл Купер, кога злото преку страшниот Боб повторно напаѓа.

Ако претпоставиме дека „злото“ за демократијата се гневните десничарски популисти, чиј глас е секогаш најбучен во собата, тогаш би можело да изгледа нестварно како букварот на Доналд Трамп се пресликува во Франција. И како ужаснатите новинари во обид да ги поткастрат таквите пораки само овозможуваат тие да добијат на силина.

Човекот се вика Ерик Земур – брилјантен полемичар, екстремно популарен телевизиски водител, надарен писател и елегантен расист. Случајот со Трамп не е целосно ист, но има многу сличности. Тој, како и Трамп, не припаѓа на политичкиот естаблишмент, иако со години е во неговите дворови. И тој е опседнат со тероии за заговор. И тој не се ни труди да биде колку толку пристоен, туку исфрла религиски и расистички провокации. Тој не сака да биде политички коректен; тој сака да ги исфрли имигрантите од Франција, тој сака да се воведат законски забрани на децата на имигрантите да им се даваат муслимански имиња, како Мухамед, Кевин или Фарида, туку треба да се избира меѓу „убавите“ француски имиња како Жак или Амелија. Тој е многу гневен поради порастот на феминизмот во Франција. Тој е носталгичен за бонапартистичката големина на Франција, која сега ја снема во глобалниот свет и доминацијата на Америка.

Љупчо Поповски, автор на колумната
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Тој се претставува како вистински борец за христијанската цивилизација на Франција, а самиот е Евреин. Тој е крстоносец против приливот на имигрантите во Франција (и оние што веќе со децении се таму), а самиот е дете на имигрантско семејство. Неговите родители – припадници на берберски Евреи во Алжир, се преселиле во Франција во 1950-тите години за време на војната во оваа тогашна француска колонија. Земур (63) е роден во Франција. Тој не се плаши на своите поддржувачи да им ги „каже работите какви што се“, па и да тврди дека колаборационистичката влада на маршалот Петен за време на Втората светска војна спасила многу француски Евреи.

Вртоглав раст на рејтинзите

Откако објави дека размислува да се кандидира за претседател на изборите во април, Земур предизвика вистински политички земјотрес во Франција. Неговите рејтинзи за само два месеци вртоглаво пораснаа. Тој како да ја оддува „принцезата“ на крајната националистичка десница Марин Лепен.

Повеќе од Љупчо Поповски: Дали популизмот е антиелитизам?

Aнкетата која за весникот „Монд“ ја направи агенцијата „Ипсос“, го смести Земур на второто место со 16 отсто поддршка, пред Лепен. Макрон и натаму е во водство со 24 отсто поддршка и со голема веројатност да победи во вториот круг, без оглед кој ќе му биде противкандидатот. Француските новинари пишуваат дека никој немал ваков инстантен подем во тамошната политика како Ерик Земур.

Образецот е речиси ист како оној на Трамп - во подемот во голема мерка му помагаат токму новинарите кои ги критикуваат неговите ставови. Главните медиуми, ужаснати од она што тој го проповеда, го сместуваат на насловните страници, во главните телевизиски програми. И колку што тие го критикуваат тој толку повеќе го заграбува моментумот. Француските новинари зборуваат дека редакциските колегиуми во последните месец-два се исполнети со разговори за имиграцијата и како да се одговори на тврдењата на Земур. Како што вели еден новинар од левичарски весник од Париз: „Ние едвај ги покриваме левичарските кандидати. Ние го правиме она што го прави левицата секој пат, притискајќи ја крајната десница“. А тој не ни ја објавил кандидатурата – за да биде официјален кандидат Земур мора да обезбеди поддршка од 500 градоначалници од цела Франција.

Плакат за поддршка на кандидатурата на Ерик Земур за претседател на Франција
Плакат за поддршка на кандидатурата на Ерик Земур за претседател на ФранцијаФотографија: Lafargue Raphael/ABACA/picture alliance

Земур не ја објави кандидатурата, но ја објави својата нова книга La France n'a pas dit son dernier mot (Франција не го кажала нејзиниот последен збор), која веднаш стана бестселер. Во неа, како и во другите претходно, ја озбразложува со извонредна ерудиција фасцинацијата со француското минато. И ги елаборира неговите познати ставови против имиграцијата на муслиманските Африканци и ја поттикнува теоријата за „закана од ‘големата замена’ – која ќе ја надвладее белата Франција и христијанското население“.

Можат ли медиумите да спротивстават на вакви личности кои го делат општеството? Резултатот од интензитетот на следењето на ставовите што тој ги кажува велат дека – не.

Според анализите за известувањето на француските медиуми, Земур во септември имал 16 прајм-тајм телевизиски прилози или насловни страници. Тој добил 11 часа покривање на телевизиите, додека социјалистичката кандидатка која е градоначалник на Париз, Ане Идалго, само два часа. А Марин Лепен едвај нешто над еден час. 

Повеќе од Љупчо Поповски: ЕУ стана премногу немоќна за својата сила

Како што вели новинарот Робин Андрака кој ги следи телевизиските настапи на Земур: „Вие можете да направите добри приказни бидејќи сте сигурни оти тој ќе каже нешто многу расистичко, многу проблематично, а потоа ќе зборувате за тоа два дена. Тоа е магично за новинарите“.

Во стапицата на Трамп

Францускиот печат беше сведок на подемот на Трамп, ги знае многу добро опасностите од претворање на Земур во политички спектакл. Или уште полошо – да ги нормализира неговите екстремни ставови. Француската новинарка Салија Брахлија ги праша своите колеги: „Дали треба да почнеме да си поставуваме некои прашања или продолжуваме да бидеме манипулирани?“ одговарајќи на твитот на Земур, кој вклучуваше фотографија од него како е обиколен со новинари и при тоа напиша: „Моите пријатели, новинарите“.

Овој поетски апостол на крајната десница и елегантен расист опседнат со бонапартистичкото месијанство Франција да биде културен и интелектуален лидер на светот, многу добро го знае новинарскиот свет, за разлика од Доналд Трамп. Долги години беше редовен колумнист на централно-десничарскиот весник „Фигаро“, а неколку години секој ден водеше емисии на CNews (францускиот пандан на амерканската ТВ-мрежа Фокс њуз). Телевизијата CNews, поддржана од конзервативниот милијардер Винсен Болоре, му даде платформа на Земур да ги пласира своите ставови. За четри години CNews ја удвои својата публика и стигна до второто место меѓу четрите 24-часовни телевизиски канали за вести. CNews стана оружје за политичка војна, а главниот лидер е Ерик Земур.

Повеќе од Љупчо Поповски: Големите илузии на Балканот

Во својата нова книга Земур, меѓу другото напиша: „Нема мал град, нема мало село кое е безбедно од дивјачките одреди на чеченските, косовските, магребските или афраканските банди кои крадат, силуваат, ограбуваат, мачат и убиваат“. И десетици статии на новинарите се пишуваат за тоа. Токму на овој начин француските новинари паѓаат во истата замка како и нивните американски колеги. Во што е поентата? Осудувајќи го екстремизмот на Земур со тоа што му посветуваат огромен простор (исто како што направи американскиот печат со Трамп пред изборите во 2016 година), тие испраќаат имплицитна, иако ненамерна, порака дека и за најрадикалната реторика вреди да се известува. Како дел од новинарскиот свет овој самопрокламиран апостол на крајната десница знае како да ја контролира медиумската агенда. Како што изјави еден политички научник: „Тој кажува нешто ужасно, а потоа сите зборуваат за тоа... Овој маѓепсан круг е многу тешко да се прекине“. 

Земур беше два пати осуден поттикнување на расизам – во 2011 и 2018 година. Во изминативе десетина години тој дури зборуваше и за масовно преселување на имигрантите од Франција. Во 2014 година еден италијански новинар го праша Земур дали смета дека е реално пет милиони француски муслимани едноставно да бидат отстранети од земјата. Тој одговори: „Знам дека тоа е нереално, но историјата понекогаш изненадува“.

И сега новинарите се навраќаат на оваа и многу други негови расистички изјави од минатото, па дури анализираат дали ваква преселба е технички изводлива. Во исто време во телевизиските дебати постојано ги прашуваат другите претседателски кандидати што мислат за изјавите на Земур.

Се разбира, има исклучоци во Франција. Некои од левичарските весници не сакаат да ја покриваат агендата на Земур, бидејќи како што вели еден уредник, „таа е смешна“.

Смешна или не, на Ерик Земур му успеа да привлече лавовски дел од медиумското внимание. А уште не е ни кандидат. Најголем дел од новинарите, можеби неволно и несвесно, во потрага по добри и примамливи приказни му помогнаа во тоа. Што ќе биде доколку тој и официјално стане кандидат за претседател и почне кампања. Можеби тогаш ќе биде дел од редот на сите претенденти, вклучувајќи ја и неговата голема ривалка, Марин Лепен. Можеби медиумскиот колач за него ќе се намали. Но, кој знае, можеби ќе ја грабне и целата торта. На ужас на огромниот дел од јавноста.  

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар