Нова страница во односите меѓу Берлин и Загреб?
15 јули 2014Шефицата на германската влада доаѓа во Дубровник на состанок на иницијативата „Брдо-Бриони“, која ги собира шефовите на земјите од Југоисточна Европа. На исто место ќе се најдат претседатели на државите кои произлегоа од Југославија, чие подрачје сега се нарекува регион, а ќе им се приклучи и претседателот на Албанија. Ангела Меркел во овој состав е почесна гостинка која на таа позиција го наследува францускиот претседател Франсоа Оланд. На дневен ред се инфраструктурната консолидација на европскиот простор и, што на некои земји им е уште поважно, продолжувањето со ширењето на Европската унија.
По крајот на Светското фудбалско првенство во фокусот на приоритетите се враќаат невработеноста и тешката економска ситуација. Многумина во посетата на Меркел гледаат германско „простување“ на Хрватска и крај на „заладувањето“ во односите меѓу Загреб и Берлин, што се случи поради случајот на Јосип Перковиќ.
Имено, Хрватска долго време одбиваше да и’ го предаде на Германија поранешниот шеф на југословенските тајни служби. Германија него го бараше поради убиства на нејзина територија. Хрватска дури и го рискираше својот углед менувајќ ги законите само неколку дена пред влезот во ЕУ, се’ со цел да ја спречи примената на европскиот налог за апсење.
Најмоќна жена во ЕУ
Забележително е дека дел од хрватската јавност поддржува „провинцијален“ однос кон Германија, а тоа го регистрира и коментаторот на „Новости“ Маринко Чулиќ. Меркел во медиумите е опишана како, ако не вистинска шефица, тогаш барем како најмоќна жена во ЕУ, која „пали и гаси“ во земјите-членки. Покрај тоа, граѓаните не ја заборавија силната поддршка на Германија за хрватската независност во текот на воените години.
Чулиќ смета дека „случајот Петковиќ“ не ги искомплицира толку драматично односите меѓу двете земји.
„Евидентно е дека тие односи не се на ниво на кое беа во минатите години. Мислам дека Меркел ги стави односите со Хрватска на едно пониско ниво, што е вообичаено. Зошто сега би требало тука да има некоја силна љубов? Тоа се две членки на ЕУ – едната е голема, а другата мала. Тоа треба да се гледа во таа релација. Тоа се вообичаени односи меѓу две земји“, оценува за Дојче веле Чулиќ.
Политичкиот аналитичар Давор Ѓенеро сепак мисли дека односите се нарушени и дека нема да се поправат се’ додека Хрватска не почне да се однесува како сериозна членка на ЕУ.
„Посетата на госпоѓа Меркел не е билатерална посета на Хрватска, тугу германско обраќање до земјите од Западен Балкан“, вели Ѓенеро и го нагласува фактот дека Меркел нема да се сретне со премиерот Мичановиќ, што покажува дека посетата не е билатерална. „Меркел своевремено рече дека по победата на парламентарните избори ќе ја посети Хрватска, така што ова може да биде формално исполнување на нејзината најава. Но, овде очигледно не може да стане збор за надминување на кризата која премиерот Милановиќ веќе ја предизвика со неодговорното однесување и фактот дека Хрватска во првите европски чекори се однесуваше како неверодостојна членка“, додава аналитичарот Ѓенеро.
ХДЗ се надева на корист од посетата на Меркел
Доаѓањето на Меркел би можло да ја засили некогаш водечката, а денес опозициска ХДЗ. Оние кои паметат подолго се сеќаваат дека Меркел лично и отворено ја поддржа ХДЗ и нејзиниот тогашен шеф Иво Санадер во една изборна кампања, кој потоа падна од власт поради бројни корупциски афери. Затоа се очекува сега поддршката за политички сродната ХДЗ да биде нешто подискретна, но таа во секој случај нема да изостане.
Ѓенеро потсетува дека Меркел е таа која го поддржа Санадер, но воедно е и прва која му ја затвори вратата. „Меркел ја отвори вратата на наследничката на Санадер – Јадранка Косор, кога се покажа дека новата премиерка има намера да ги реши проблемите кои Санадер не можеше. Мислам на корупцијата и деблокадата на пристапните преговори со ЕУ“, вели Ѓенеро. Тој потсетува дека ХДЗ сака ако ја освои власта државата да ја води според парадигмата воспоставена од Меркел, а програмата на оваа партија веќе се изработува со помош на некои од нејзините советници.
А, што е со регионот?
Кога станува збор за регионот, Хрватска испрати јасна порака дека таа ќе биде поткрепа, а не камен на сопнување за идното ширење на унијата. Хрватска сака тоа прашање да го држи на врвот и на состанокот со Меркел.
„Ниту една друга влада не би водела поинаква надворешна политика. На Хрватска и’ е од интерес да продолжи евроинтеграцијата и соседството да се европеизира, да ги прифати европските надворешни и безбедносни политика, како и целиот балкански регион долгорочно да се интегрира во Унијата“, смета Ѓенеро.
Чулиќ, пак, додава дека Хрватска, за разлика од Словенија, „сподели многу повеќе од судбината на регионот, а сега како членка е во позиција да биде помош и советник“.
Но, Ѓенеро смета дека Хрватска неуспешно ја игра улогата на регионалниот предводник, првенствено поради слабата моментална администрација и нејзиниот низок политички капацитет.