1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова радикализација во БиХ

Здравко Љубас/миа/бг19 ноември 2015

Опасноста од радикалните исламисти во БиХ повторно дојде до израз по синоќешниот напад во Сараево. Стравот дополнително го засилува долгогодишното присуство на радикални групи во земјата.

https://p.dw.com/p/1H8jM
Фотографија: klix.ba

Двајца војници на Армијата на Босна и Херцеговина се убиени синоќа во Сараево, кога врз нив пукал еден вооружен маж, кој потоа се самоубил. Според првичните информации, напаѓачот Енес Омерагиќ му припаѓал на радикалното исламистичко милје во земјата. Ова е уште еден во серијата терористички напади во БиХ кои властите им ги припишуваат на припадниците на радикалната исламска сцена. По војната од 1992 до 1995 година, граѓаните на БиХ беа сведоци на терористичките напади во Бугојно во 2010 година, како и нападот врз полициската станица во Зворник во април годинава.

Присуството на радикалните групи во БиХ, сепак не би требало да претставува значаен проблем, ниту да предизвика дополнителна радикализација, смета Армин Кржалиќ од сараевскиот Центар за студии на безбедноста. „Она што ние го утврдивме, а тоа го покажуваат и полициските и безбедносните податоци е дека во БиХ не постојат некакви кампови за обука, како што пренесуваа некои медиуми. Постојат одредени групи кои безбедносните служби ги следат и мислам дека со дополнителни мерки, особено на разузнавачкиот сектор, тие групи можат да се држат под контрола“, вели Кржалиќ.

Sarajevo Armin Kržalić Centre for Security Studies
Армин КржалиќФотографија: DW/Z. Ljubas

Според него, закана можат да биде странските фактори кои во државата доаѓаат од други средини и тие дополнително да ги радикализираат групите во БиХ. Досега најголемо внимание им беше посветено на т.н. салафистички групи, на кои наводно им припаѓал и Омерагиќ. Кржалиќ проценува дека нивната бројка во БиХ е нешто над 5 илјади.
Сепак, факт е дека радикалните групи во БиХ се активни, а потврда за тоа е и неодамнешната пресуда на Судот на БиХ за неформалниот лидер на „вехабиите“ Хусеин Босниќ кој беше осуден на седум години затвор поради „јавно поттикнување на терористичка активност, врбување заради терористички активности и организирање на терористичка група“. Според неофицијални информации, од неговата организација на сириското боиште заминале околу 200 млади луѓе од БиХ.

IS-Flagge in Gornja Maoca, Bosnien
Знамиња на Исламската држава во Горња Маоча, БиХФотографија: Ruben Neugebauer

Можната нова радикализација во БиХ, или пак нејзиното отсуство, ќе зависи од реакцијата на нападите во Париз, но и на сличните напади во Анкара, Бејрут или Синај, смета д-р Ахмет Алибашиќ од Факултетот за исламски науки во Сараево. „Доколку реакцијата оди во правец на решавање на причините за тероризмот, а тоа се сириската и ирачката криза или продолжувањето на демократските процеси во Египет, и доколку реакциите бидат насочени само кон терористите, а не и кон цели заедници, тогаш тоа може доведе до уништување на ИД“, вели Алибашиќ.

Терористите не ја претставуваат верата

Терористичкиот напад во Париз остро го осуди Исламската заедница во БиХ. „Уверен сум дека француската држава и општество адекватно ќе одговорат на тероризмот, но и дека одлучно ќе се спротивстават на остварувањето на намерата на терористите со своите напади да предизвикаат гнев и одмазда кон муслиманите во Европа. Особено ги повикувам муслиманите во Европа да го сочуваат мирот и да немаат никакви дилеми: терористите не ја претставуваат ни нашата вера, ни нашата заедница, а тероризмот не може да се оправда ни морално, ни верски, ниту политички“, изјави поглаварот на Исламската заедница во БиХ, реис улема Хусеин Кавазовиќ.