Нова надеж за набљудувачите на ОБСЕ во Украина
30 април 2014Рускиот претседател Владимир Путин во врска со заробените набљудувачи (на насловната фотографија) за руската телевизија изјави: „Се надевам дека овој конфликт ќе биде решен и дека тие ќе можат да го напуштат регионот слободни.“
Проруските милиции од петокот (25.04) држат заробени 12 воени набљудувачи на ОБСЕ, меѓу кои и четворица Германци. Лидерот на проруските милиции Вјачеслав Пономарјов изјави дека е можен „позитивен исход“ од преговорите за ослободување на заробените „за најкус можен рок“. Во преговорите е постигнат „значаен напредок“, тврди тој. Од редовите на преговарачкиот тим на ОБСЕ нема коментари.
Путин предупредува од последици по западната економија
Москва, истовремено, реагира налутено поради заострувањето на санкциите од страна на САД и ЕУ. За време на посетата на Минск, рускиот претседател Путин предупреди од можност за негативни последици по економските активности на западните енергетски концерни во Русија: „Ако ова продолжи, ќе мораме, се разбира, да размислиме како (странските фирми) ќе работат во Руската Федерација, особено во клучните индустрии, како што е енергетскиот сектор.“
Насилство во Горловка и Лугањск
Во меѓувреме, проруските активисти зазедоа еден владин објект и полициската зграда градот во Горловка, јави агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на полициски извори.
Претходно, во соседен Лугањск избија судири кога илјадници проруски демонстранти нападнаа административна зграда и седиштето на обвинителството. Подоцна 30 тешко вооружени лица ја нападнаа и полициската станица во градот, а полицајците им ја отстапија зградата без борба, јави Франс прес. Полицајците се качиле во автобуси и избегале. Преодниот украински претседател Олександер Турчинов беше лут и полицајците ги нарече „предавници“: „Најголемиот дел од безбедносните сили на истокот не е во состојба да си ги исполни должностите и да ги заштити нашите граѓани“, изјави Турчинов.