1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова германска влада до Божик

ЖА/ард18 октомври 2013

По третата сондирачка рунда преговори, раководствата на партиите на Унијата и на СПД најавуваат можност за скоро формирање на новата германска влада. Тие на своите партии ќе им предложат преговори за Голема коалиција.

https://p.dw.com/p/1A1su
Фотографија: picture-alliance/dpa

„До Божик ќе ја имаме новата влада“, најави политичарот од Христијанско-социјалната унија, Петер Рамзауер. Тој како сигнал за приближување го интерпретираше тоа што покраинската премиерка од Северна Рајна Вестфалија од СПД, Ханелоре Крафт, и генералниот секретар на ЦСУ, Александер Добринт си подале рака, а Крафт и шефот на кабинетот на канцеларката Ангела Меркел, Роналд Пофала, и генералниот секретар на ЦДУ, Херман Гре се покажале заедно на балконот на зградата каде се водеа преговорите. Покраинскиот огранок на СПД во Северна Рајна Вестфалија и Крафт беа оние кои изразуваа најголема скепса кон Голема коалиција.

СПД верува во надминување на спорните прашања

Лидерот на Социјалдемократите, Зигмар Габриел, изрази оптимизам дека двете страни ќе можат да постигнат единство во најпорните прашања. Тоа важи посебно за законски утврдената најниска плата, што ја бара СПД од 8,5 евра сатнина. Шефот на Христијанско-социјалната унија, Хорст Зехофер претходно покажа подготвеност за компромис на оваа тема. Но, Зехофер како услов за попуштањето ги наведе условите - да нема зголемување на даноци и на долговите.

Sondierungsgespräche CDU SPD 17.10.2013 in Berlin
Ханелоре Крафт, Роналд Пофала и Петер РамзауерФотографија: picture-alliance/dpa

Заменикот претседател на СПД Олаф Шолц е уверен дека СПД во преговорите ќе може да ги протурка сите барања во врска со пазарот на работна сила, не само утврдувањето најниска плата. СПД ќе издејствува и поголема праведност на пазарот на труд, вети тој во изјава за Првата програма на германската телевизија, АРД.

Преговори се можни уште в среда

Според шефот на ЦСУ, Хорст Зехофер, коалционите преговори меѓу партиите на Унијата и СПД можат да почнат уште следната среда, доколку претходно согласност дадат партиските тела. Оценката на генералниот секретар на ЦДУ, Херман Гре, е дека е покажан доволен размер на заедништво за земјата да може во следните четири години да биде водена успешно и во корист на граѓаните во неа.

Sondierungsgespräch Union SPD Berlin Deutschland
Ангела Меркел, Петер Рамзауер и Хорст ЗехоферФотографија: Reuters

Договорени 12 работни групи

Александар Добринт, генералниот секретар на ЦСУ, соопшти дека партиите на Унијата и СПД ќе формираат 12 работни групи за коалициони преговори. Освен нив, ќе постои и група во која ќе бидат генералните секретари, како и една поголема и една помала рунда преговори на партиските раководства и нивните шефови на преговарачките тимови.

ЦДУ за денеска закажа телефонска конференција на сојузното партиско раководство заради информирање за резултатот од сондирачките разговори и натамошни советувања. Социјалдемократите конечната одлука ќе ја донесат на партиска конвенција в недела, но се смета дека кај базата ќе постои отпор.

Заменикот-претседател на СПД, Олаф Шолц, како цел на преговорите наведе постигнување коалиционен договор во следните четири до шест недели, кој потоа ќе им биде даден на гласање на членовите на СПД. Коалицијата би требало да биде формирана до Божик, прогнозира и Шолц.