1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата балканска бегалска рута ја исплаши Австрија

30 мај 2018

Се раѓа нова балканска рута, предупредува австрискиот канцелар Себастијан Курц и најавува затворање на границите на неговата земја доколку бројот на бегалци продолжи да расте.

https://p.dw.com/p/2yZji
Bosnien und Herzegowina - Migranten in Sarajevo
Фотографија: Klix.ba

Додека вниманието на европските земји е насочено кон Средоземното Море и бегалците кои доаѓаат од Африка, речиси незабележано минува новиот тренд на транзитирање на мигранти од Турција, преку земјите од Југоисточна Европа до централна и западна Европа.

Весникот „Цајт“ денеска пишува дека само во Босна и Херцеговина во моментов престојуваат 4.300 бегалци и мигранти, пет пати повеќе од целата мината година. Германското министерство за внатрешни работи ја нарекува БиХ „жешка точка во илегалната миграција“.
„Во Европа се мислеше дека балканската рута е затворена. Тоа е очигледно погрешно. Од германското министерство за внатрешни работи информираат дека нивните колеги во БиХ дневно регистрираат меѓу 100 и 150 мигранти кои незаконски влегуваат во земјата. Бројката е зголемена за 12 пати во однос на 2017 година. Една четвртина од бегалците и мигрантите се Сиријци, а по нив следуваат Пакистанци, Авганистанци, Ирачани и Либијци. И Црна Гора и Албанија пријавуваат двојно зголемување на бројот на бегалци на нивна територија“.

„(...) Три бегалски рути во моментов водат до границата на ЕУ. Првата води од Србија, каде голем број бегалци се заглавени уште од 2015 година. Втората и третата рута доаѓаат од Турција. И тоа, и покрај тврдењата дека по Договорот со ЕУ оттаму не доаѓаат речиси воопшто бегалци. И тоа е заблуда“, пишува „Цајт“.

Bosnien Migrantenroute durch die Hauptstadt Sarajevo
Бегалски шатори во СараевоФотографија: DW/S. Huseinovic

Ваквиот развој на состојбата особено ја загрижи владата во Австрија. Канцеларот Себастијан Курц предупредува дека „се воспоставува нова балканска рута“. Швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг истата ја нарекува „Албанска рута“, затоа што минува од Грција, преку Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина се до Словенија. Весникот ја цитира и изјавата на австрискиот министер за внатрешни работи Херберт Кикл дека, доколку приливот на бегалци продолжи да расте, границата ќе биде херметички затворена.
„Во Австрија годинава, до крајот на март, според официјалните статистики, поднесени се 4.000 барања за азил. Тоа одговора на бројките кои беа вообичаени во времето пред бегалската криза. Во кризната 2015 година, азил во Австрија побараа 90.000 луѓе“.

Канцеларот Курц во понеделникот претстави и реформа на социјалната помош, која предвидува помали исплати за бегалците.
„За да избегнат месечно одбивање од 300 евра на максималната сума од 863 евра, бегалците мора да поднесат доказ за доволно познавање на германскиот јазик. Целта е борба против доселување во нашите социјални системи“, како што ја пренесува изјавата на Курц, весникот Зидојче цајтунг.