1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобеловецот Хандке во Република Српска: Еxegi monumentum

11 мај 2021

Додека го гледаме Хандке како ужива во друштво на Додик и Вучиќ додека прима ордени од раката на политичките моќници повеќе се наметнува идејата на дворските поети одошто Пушкиновиот поим на слобода. Пишува Алида Бремер

https://p.dw.com/p/3tC1n
Serbien Belgrad | Verleihung des Karadjordje-Orden an Peter Handke
Фотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Една ода на римскиот поет Хорациј почнува со зборовите „exegi monumentum".
Подигнав споменик потраен од бронза, вели Хорациј. Создаден од поезија овој споменик нема да биде изложен на ветрови и дожд. Овој мотив го преземаа и други поети, најславниот меѓу нив Пушкин, кој во одата со ист наслов како Хорациевата, нагласува дека патот до неговиот споменик не може да го обрасне плевел.
Иако на австрискиот писател Петер Хандке никогаш не му недостасувала самосвест за поетското послание, и континуирано го опишува и му посветува цели дела, а не само една ода, тој во својот век е слеан во бронза, а имаше чест и самиот да го открие својот споменик во Бањалука.
Хорациј и Пушкин размислувале во димензиите на вечноста и не верувале во стабилноста на тогашните прилики. Обајцата нагласуваат дека трајноста на нивните споменици го гарантира токму тоа што никој не ги подигнал како опиплици во светот подложен на постојани мени- првиот мислел на Римското, а вториот на Руското царство.
Злобниците сега би можеле да кажат дека ете Хандке повеќе верува во опстанокот на Српското царство одошто овие двајца верувале во своите, но тоа би била мисла на ниво на анегдота, додека на Хорациј и Пушкин им биле поважни подлабоките пораки.

На ниво на шега, на споменикот ни сега не му се предвидува трајност, па така во еден виц Мујо му вели Хасо:
„Слушна ли дека на оној Нобеловец му подигнале споменик во Бањалука“. А Хасо одговара:
„Ако, важно е дека Нобел го измислил и динамитот“.
Да ја познаваа историјата на балканските краишта како историја на постојано рушење и градење и да слушнеле што се случило со неброените споменици ширум бивша Југославија во последните трисетина година, Хорациј и Пушкин веројатно би биле повнимателни од Хандке и можеби би биле помалку одушевени поради честа која би им ја укажала било која влада, без оглед дали е царскоримска, царскоруска или републикосрпска.

Bosnien und Herzegowina Banja Luka | Besuch Peter Handke
Хандке во Бањалука на доделувањето на Орденот на Република СрпскаФотографија: Dejan Rakita/PIXSELL/picture alliance

Помалку освежувачки се зборовите на Петер Хандке од едно интервју кое го даде во 2013 година за Вечерњи новости, а кое носи наслов „Петер Хандке: Чистотата уште дише во Србија“.
„Не само во Србија, туку и во Република Српска постои една чистота која има траење од две илјади години. Таква чистота не постои во Франција или Германија. Ја има, додуша, но таа не живее, не дише“.
Тешко е да не се наежите над поимот чистота во земја во која се спроведувани „етнички чистења“, а чиј конечен резултат е и тој ентитет во кој последниве денови се одржуваат свечености во чест на Нобеловецот. Не само што во главниот град на тој ентитет си откри себеси споменик, туку го прими и Орденот на Република Српска на лента, а потоа отпатува во Вишеград каде во творбата наречена Андриќград ја доби „Големата награда Иво Андриќ“. Но сето тоа не е доволно, па во Белград од рацете на Александар Вучиќ доби и Орден на Караѓорѓева ѕвезда од прв степен.
Тешко дека ќе го видиме на страната на угнетените, како што себе се гледаше Пушкин. Додека го гледаме Хандке како ужива во друштво на Милорад Додик и додека прима ордени од раката на политичките моќници повеќе ни се наметнува идејата на дворските поети одошто Пушкиновиот поим на слобода која ја носи поезијата.

Помалку е анализирана можноста дека Хандке дозволил манипулирање на своето име, и се ставил на услуга на оние политички цели кои заговараат „етнички чисти“ држави. Тоа што неговото патување во Република Српска и во Република Србија доаѓа во период на третиот бран на пандемијата, во кој сите патувања се извонредно ограничени, злобниците би можеле да го поврзат и со тој фантомски Нон-пејпер за кој никој не може да утврди од каде воопшто се појави.

Таму каде што веќе не возат возовите, таму престанува Европа- без оглед колку уверливо Петер Хандке токму тука ја открива „чистотата“- сепак секогаш се враќа во својата вила крај Париз. Тоа што со своето име ја засилува позицијата на оние кои би кроеле територии без оглед на човечките животи никогаш нема да биде запишано во споменик на каков што мислеше Пушкин, но можеби некој голуб барем накусо ќе му остави коментар на преголемата глава од бронза пред зградата на Владата на Република Српска. Додека владините службеници не ја избришат и повторно изгланцаат.