1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Неудобната Турција“

Избор: Зоран Јордановски3 ноември 2015

Коментари во германскиот печат по изборите во Турција: Избирачите гласаа за стабилност во земјата. Турција ги става на испит принципите и стандардите на ЕУ.

https://p.dw.com/p/1GyxZ
Фотографија: Reuters

„Турција одамна стана клучна земја на спојката меѓу Европа и Блискиот Исток. Таа има влијание врз конфликтите во арапското соседство, како транзитна земја за енергенси има влијание врз благосостојбата во Европа, а како транзитна земја за бегалците ја предизвикува Европа. Таа само делумно ја оправдува одговорноста. Турција е незаменлив партнер, но и неудобен исто така“, коментира „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ). Во врска со влијанието на Турција и претседателот Ердоган во арапскиот свет, во коментарот се вели: „Ѕвездата на Ердоган потона оти тој стана авторитарен и се’ повеќе наликуваше на арапските моќници. Сега прогонуваните Муслимански браќа, на пример во Египет, повторно имаат силен заговорник. Тој натамошно ќе ја јакне сунитската оска со Саудиска Арабија. Но, Турција повторно ќе биде инспирација за арапските соседи дури кога Ердоган во својата земја ќе го дозволи она, кон што се стремат Арапите: слободата“ - коментира ФАЦ.

„Плодови на стравот“

„Реџеп Таип Ердоган повторно си ја освои земјата, која ионака ја сфаќа како своја сопственост“, се вели во уводникот во „Зиддојче Цајтунг“. „По овие избори сега се поставува прашањето: кој, кога не избирачите, воопшто е во состојба да го запре Ердоган? Резултатот од неделата збунува. Не поради оспорување на успехот на една партија која напорно работи. Многу повеќе збунува оти победата на АКП не се должи на задоволството на избирачите, туку на стравот. (...) Тој (претседателот Ердоган - н.з.) и неговата АКП создадоа клима на насилство и на страв. (...) На партијата и’ одеше на рака што тоа насилство и несигурноста дојдоа во оние месеци, во кои АКП не управуваше сама со земјата. По месеци на ескалација, желбата за стабилност беше толку голема, што избирачите повторно ја ставија судбината на земјата во рацете на онаа партија, која - се’ додека е непречено на власт - може да се погрижи за мир и безбедност“.

„Зиддојче Цајтунг“ упатува критика на адреса на опозицијата: „Математички, опозиционите партии по изборите во јуни дури можеа да формираат влада без АКП. Кој толку лекомислено ги отфрла опциите за власт, не смее потоа да се чуди што кај избирачите настана фатален впечаток, кој нив повторно ги врати во рацете на АКП“.

Wahl in der Türkei AKP gewinnt deutlich
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Bozoglu

„Турција станува клучна земја“

„Берлинер Цајтунг“ и’ оддава признание на Турција дека е „функционирачка демократија“ оти е „знак на демократска зрелост дека и покрај енормниот притисок и нефер услови во предизборната кампања, 48 проценти од избирачите гласаа против ’системот Ердоган‘ и во парламентот ќе останат застапени сите важни матици на турското општество“. И овој весник оценува дека избирачите гласале за „стабилност, континуитет и мир. Притоа ним им е се’ едно кој го разгоре хаосот. Дури и ако од страв од негативни последици гласале за продолжение на системот Ердоган, кој владее со леб и камшик, со раздели па владеј, со непотизам и државна алиментација, олигархиско-мафијашки стопански структури и со ограничување на граѓанските слободи - кој може да им го земе тоа за зло?“

(...) Ердоган би можел повторно да се сврти кон својата поранешна цел за пристапување кон ЕУ во 2023 година, на стогодишнината на Републиката. (...) За Ердоган тоа би било пробив, кој може да го искористи внатрешно-политички против опозицијата за да ја цементира својата превласт во супер-изборната година 2019 (година на парламентарни, претседателски и избори за Европскиот парламент - н.з.). Поради тоа наредните четири години ќе бидат клучни и за Европа. Ќе ги игнорира ли ЕУ од стратегиски интереси граѓанските права, слободата на печатот и разводнувањето на правилата на правната држава во Турција? Избрзаната посета на Меркел непосредно пред изборите и одложувањето на објавувањето на новиот извештај за напредокот (од страна на Комисијата на ЕУ - н.з.) не ветуваат ништо добро. Во 2005. Берлин Париз и Брисел го запреа форсираното пристапување на Турција, која се отвори за демократски реформи и ги поздрави европските принципи. Сега би дошла една авторитарно уредена Турција, која повеќе наликува на ’контролираната демократија‘ на Владимир Путин - и Европа и упатува добредојде. Тоа е парадокс“, смета „Берлинер Цајтунг“.

Двојни стандарди на ЕУ

„ЕУ, вклучително германскиот канцелар Меркел, ќе му се додворуваат на Ердоган, потајно ќе му туткаат в раце милијарди евра и безгласно ќе му ги исполнуваат неговите посебни барања, само за тој да постави огромни бегалски логори во Турција и да им даде упатство на војниците веќе да не пуштаат бегалци преку границата кон Грција. Краткорочно таа политика може и да помогне да се намали бројот на бегалците што доаѓаат, но долгорочно таа енормно ќе им наштети. Оти, кој затвора очи пред кршењето на човековите права и повреди на демократијата во Турција, не ќе може веродостојно да протестира во Унгарија и наскоро ќе мора да прифати демократски дефицити и во земјите од јадрото на ЕУ“, забележува „тац. ди тагесцајтунг“.

„Келнер Штат Анцајгер“ констатира дека Турција „се наоѓа пред големи предизвици. Економијата покажува слабост, невработеноста расте. (...) Една поделена земја, каква што е во моментов Турција, не може да излезе на крај со тие предизвици“.