Непобедливи? Илузија!
16 јули 2014Во моментите на голема среќа понекогаш не сме господари над чувствата. Ова важи дури и за „фудбалскиот кајзер“, кого всушност го обвива аура на непогрешност. Пред 24 години имаше еден таков момент. Германија тукушто ја освои третата ѕвезда против Аргентина, кога Франц Бекенбауер во изобилството на чувствата рече: „Со години нашата национална репрезентација ќе биде непобедлива. Колку и да ми е жал за останатите“. Каква погрешна проценка. Да, факт е дека германскиот „елф“ тукушто заслужено ја освои светската титула и да, со повторното обединување и со него поврзаниот спој на два национални репрезентации изгледаше сосема добро. Но, Германија можеше да се победи, во 1992 година во завршницата на ЕП од Данска и 1994 година уште поболно докажано од Бугарија во четвртфиналето. Тешка погрешна проценка на „кајзерот“, за која мораше да плати неговиот наследник Берти Фогтс.
Јоахим Лев не ја направи оваа грешка. Можеби затоа што самиот би морал да ја срка супата. Имено откако федерацијата се согласи тој да остане селектор и Лев има договор до 2016 година, многу работи говорат за тоа дека и натаму ќе остане да ја предводи репрезентацијата. Во часот на триумфот тој избра повнимателни тонови отколку Бекенбауер: „Ние имаме многу млади играчи, кои во својата кариера би можеле да постинат уште многу“, смета Јоахим Лев - и во право е.
Доаѓаат нови таленти
Репрезентацијата на Лев на почетокот на Мундијалот имаше просечна возраст од 25,8 години, седуммина од неговите играчи, кога Германија последен пат беше шампион во 1990 година воопшто не беа родени. И покрај овој надежен подмладок веќе чекаат други таленти, да се споменат само Серж Гнабри од Арсенал, Мариан Сар од Борусија Дортмунд, Макс Мајер од Шалке или Јулијан Бранд од Волфсбург. Со оглед на ваквиот фудбалски потенцијал станува јасно: Германскиот фудбал смее оптимистички да гледа напред - и со гордост да се сврти наназад.
Во 2004 година фудбалот во Германија беше на земја, како што точно формулираше Јоахим Лев. Беше бламажа за Германија, кога на Европското првенство во Португалија го заврши настапот на турнирот уште по натпреварите по групи. Веќе одамна другите нации ги стигнаа и престигнаа. Само „германските доблести“ не беа доволни, оти да трчаат и да се борат можеа и другите. Тогаш Јирген Клинсман, Јоахим Лев и Оливер Бирхоф стартуваа една вистинска фудбалска револуција, која од бундеслигашките клубови на почетокот не беше сосема поддржана: се полагаше на консеквентна, структуирана и целосна обука на фудбалскиот подмладок. Тоа беше единствениот вистински пат, за кој другите фудбалски нации како Англија денес и завидуваат на Германија.
Еден дел од ловориките му припаѓа на амтерскиот фудбал
На светската титула Лев гледа како на „производ на извонредна обука во Германија“ и така дел од ловориките ги пренесува на оние кои го формираат р'бетот на спорот: илјадниците клубови со тренери кои работат доброволно. Пречесто стоејќи во сенка на сјајната машинерија Бундеслигата, младинскиот и аматерскиот фудбал го заслужија признанието.
Така фудбалска Германија деновиве гледа кон златните времиња - само поинаку отколку што некои мислат. Имено да се биде непобедлив е илузија во фудбалот, спорт, кај кој резултатот може да биде одлучен и од други фактори, среќа, случајност и дневна форма. Така за време на турнирот понекогаш се работеше само за сантиметри, за голманот Мануел Нојер навреме да може да спречи сигурен гол. И ако Лионел Меси и Гонзало Игуаин при нивните многубројни шанси во финалето покажеа малку повеќе од за нив вообичаената сигурност пред голот, Германија сега не би била четирикратен светски првак. Оној кој ќе го сфати ова, најдоцна по деновите на занесот од титулата светски првак, ќе осознае дека успехот е прашање на многу мали детали, кои заедно можат да ја сочинуваат големата среќа - но, не мора. Германија и во наредните години ќе игра супер фудбал - но, нема поради тоа автоматски да ги освои сите титули. Така ли е г-дин Бекенбауер?