Неодредените визии на Меркел за ЕУ
9 јули 2020Кога бара инспирација на темата Европа, канцеларката ја слуша Деветтата синфонија од Бетовен. Музиката од европската химна и лајтмотивот на Бетовен за братство биле исти како Европа, рече Меркел во говорот во Европскиот парламент при преземањето на претседателството од страна на Германија. Секогаш се откривало нешто ново и секогаш на ново човек е одушевен. Заедништво, солидарност, демократија и основни права. Тоа се основите на кои Меркел во следните месеци ќе го темели претседателството. Канцеларката во своето обраќање зборуваше повеќе во завиена форма, многу конкретни нешта околу тоа како мисли да се справува со најголемиот предизвик за ЕУ, имено последиците од пандемијата, не можеше да се дознае.
Мајка на сите кризи
Таа се надева уште летово да постигне договор за огромен фонд за обнова, како и повеќегодишниот буџет. На слабите мора да им се помогне, без да се префорсираат силните. Фино звучи, но како ќе функционира? Обемот, начинот на финансирање и исплатата на средствата за обнова остануваат спорни. За жал Меркел не најави како мисли донаторите и примателите на помош да ги собере под ист кров. Таа ќе мора да предводи ни повеќе, ни помалку од една европска револуција.
Пребродувањето на кризата преку заедничкото задолжување земјите членки на ЕУ може да ги врзе една на друга посилно од било кога. Најсилен аргумент кој може да го понуди канцеларката за таквото решение е просто фактот за колкав предизвик станува збор.
Повеќе:
-Западен Балкан со (пре)големи очекувања од германското претседателство со ЕУ
-Германското претседателство и македонските преговори со ЕУ
-Претседателството со ЕУ како „последна шанса“ на Меркел
Толку е голем што сите треба да го видат: без брз договор, ќе има само огромен неуспех. Меркел уште во мај направи пресврт од 180 степени со предлогот за развојни фондови финансирани од долг. Охрабрувајќи се и себеси таа потсети дека ЕУ издржала многу кризи. Но, оваа е најголема од сите до сега.
При тоа не се работи само за ЕУ, што само по себе би било доволно тешко. Германската канцеларка повеќепати нагласи дека Европа мора да биде свесна и за својата одговорност за и во светот. Сепак не кажа како ЕУ треба да дејствува во оваа економска и политичка криза. „Партнерство со Африка“ и „Дијалог со Кина“ беа клучните зборови но без содржина. Таа не ги спомена ниту САД и Јужна Америка, ниту Блискиот исток и Јужна Азија.
Среќа во несреќа
За Европската Унија среќна околност е што една искусна кризна менаџерка ќе го постави патот за животот по пандемијата. Среќна околност е што оваа кризна менаџерка истовремено ја претставува, иако ослабена од пандемијата, сепак сѐ уште најсилната земја членка на ЕУ. Кому, ако не на Ангела Меркел може да и успее да ја оддржи ЕУ заедно во оваа една од најдлабоките кризи? Таа сѐ уште има пари и е подготвена да ги искористи.
Исто така среќна околност е и тоа што Ангела Меркел треба да ја преземе оваа огромна задача на крајот од нејзината политичка кариера. Повеќе не се стреми кон функција и не мора сѐ да зема в предвид. Таа може да делува многу послободно од многу други. Тоа им го сигнализираше на парламентарците. Таа мора да ја искористи оваа шанса. Само пред две години, летото 2018 канцеларката беше опишана како “полжавот“ во ЕУ. Сега сите големи очекувања и надежи лежат во неа. Толку бргу може да се сменат нештата.