1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема намалување на силите на НАТО на Косово?

3 февруари 2012

Германскиот министер за одбрана Томас де Мезие оцени дека не очекува скорешно повлекување на НАТО-мировниците од Косово. Тој забележа дека само политичарите можат да ги решат проблемите во поранешната српска провинција.

https://p.dw.com/p/13wN3
Косово и Авганистан на дводневната агенда на состанокот во БриселФотографија: dapd

НАТО првично планираше да ги преполови годинава своите тупи во Косово. Таму има 5 800 војници од 29 земји, кои служат во КФОР мисијата, а Германија учествува со најголем контингент – 1349 војници. Косово минатата година го зафати бран на обновени тензии со етничките Срби од северот.

Deutschland Verteidigungsminister Thomas de Maiziere Porträt
Германскиот министер за одбрана Томас де Мезие не очекува скорешно повлекување на НАТО-трупите од КосовоФотографија: dapd

„Суштинско е што продолжува дијалогот поддржан од ЕУ меѓу Белград и Пиштина и дека создава одржливи резултати. Овој дијалог претставува историска можност да се изгради подобра иднина“, рече првиот човек на НАТО алијансата Андерс Фог Расмусен.

Според генералниот секретар на Алијансата, мисијата на КФОР е одличен пример за напорите на НАТО за изградба на безбедно, демократско и мултиетничко Косово.

Состојбата во Косово, пред се’ во неговите северни делови, е една од темите на вториот ден од министерскиот состанок на НАТО. Покрај за Косово, министрите на состанокот во Брисел ја продолжија и вчера започната расправа за случувањата во Авганистан, што е и главна тема на средбата.

Колкави да бидат авганистанските безбедносни служби и кој да ја плати сметката?

Belgien NATO Treffen in Brüssel Anders Fogh Rasmussen
Расмусен тврди дека НАТО ја продолжува мисијата во Авганистан и во 2014-та, иако имаше шпекулации за поскоро повлекувањеФотографија: Reuters

Во однос на Авганистан, Расмусен вчераечер (02.02) рече дека НАТО ќе ја продолжи мировната мисија и во 2014-та, и покрај шпекулациите за планови за повлекување.

Британскиот министер Филип Хамонд денеска изјави дека две прашања се клучни во дебатата за Авганистан – колкава на долг рок да биде големината на авганистанската војска и полиција и како да се поделат трошоците меѓу останатите земји. Хамонд рече дека конечна одлука не се очекува до НАТО-самитот во Чикаго.

Afghanistan Französische Soldaten
НАТО сојузниците ќе треба да платат за трошоците што ги има АвганистанФотографија: picture-alliance/dpa

НАТО-членките би требало да ја платат главнината од 6-те милијарди долари, колку што изнесуваат годишните трошоци на Авганистан. Во однос на големината на авганистанските безбедносни сили, првично беше планирано тие да бројат 350 000 луѓе, но потоа стасаа предлози за кратење на бројката на 250.000 за да се заштеди на трошоци.

Министерскиот состанок во Брисел, на кој учествуваат 28-те членки и 22-те земји што се дел од мисијата во Авганистан, е своевидна подготовка на НАТО-самитот што ќе се одржи во Чикаго кон крајот на мај годинава. На состанокот е присутен и македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими. Македонија не е на агендата на дводневниот состанок во Брисел.

Автор: Александар Методијев /ап/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска