Некои Австријци молат Бога украинската криза да заврши со Крим
7 април 2014Во една долина во Австрија почиваат соништата на руските олигарси. Кицбил веќе со години заработува многу пари oд богатата клиентела од Москва и од Санкт Петербург. Тие престојуваат исклучиво во луксузни хотели.
„Со семејството тука доаѓам веќе 4 или 5 години. Секоја зима скијаме овде. Кицбил е пријатно гратче за да се помине одмор со децата и родителите“, вели една руска туристка.
Љубовта на Русите кон Кицбил го загреа и пазарот на недвижности. Десетици куќи и станови се во руска сопственост. Купувачите преферираат луксузни апартмани. Цената - над 3 милиони евра.
Санкции против Русија се многу лоша идеја, смета еден трговец со недвижности. „Ова го постигнавме со напорна работа. Ќе биде голема грешка ако сега се конфронтираме со толку голема земја. Мислам оти Русите се послушни и дека никогаш веќе нема да дојдат во Австрија, ако тоа им го каже Путин. Тоа е, ете, она поради што сум помалку загрижен“, вели Манфред Хагштајнер, агент за недвижности.
Русите оставаат многу пари
Само гостите од Русија остваруваат 27 илјади ноќевања годишно во Кицбил. На многу Австрици им е сеедно од каде им доаѓаат парите. Конечно, станува збор за цели десет проценти од вкупниот приход.
„Многу внимателно го следиме развојот на ситуацијата бидејќи знаеме дека тоа може да се одрази на нас и нашиот туризам. Јас не сум политичар, јас сум директор на туристичката заедница и сум одговорен за туризмот, но како што веќе кажав, гостите од Русија ни се важни. Русите се познати по тоа дека и за споредни трошоци оставаат многу пари, а ние имаме такви продавници“, вели Герхард Валтер, директор за туризам во Кицбил
А, секако, и соодветни банки. Руските олигарси во Австрија депонираа милијарди, дел од нив со сомнително потекло. Ниедна банка не дава интервју и атмосферата е затегната. Веројатно и поради тоа што во даночниот рај Австрија неодамна е донесена одлука за укинување на банкарската тајна. Тоа е тежок удар за руските милијардери кои при купување недвижности веќе сега мораат да се служат со разни трикови.
Русите всушност воопшто не смеат да купуваат ни куќи, ниту станови во Австрија. Меѓутоа, лесно е да се заобиколи законот, на пример со основање фондации.
Повеќе од илјада олигарси на овој начин наводно веќе имаат купено недвижности во Австрија, па и во Кицбил.
Доволно дупки во законите
Гратчето Цел ам Зе, во кое на зимување доаѓа руската средна класа, е оддалечено еден час возење од Кицбил. Многумина тука конфликтот на Крим непријатно ги изненади.
Туристичкиот водич Аксана ги испраќа последните туристи во оваа зимска сезона. „Да, загрижена сум. Имам роднини во Украина. Таму е чичко ми. Сето тоа е тешко, тешко е , немоќен си“, вели Аксана. „Да, се плашиме. Страв ни е дека во иднина нема да можеме да добиеме виза. Секоја година патуваме во земјите од ЕУ и ни се допаѓа да бидеме тука.“, вели една брачна двојка руски туристи.
Руските туристи во Кицбил вакви грижи, сепак, не ги мачат. Имаат доволно пари да се забавуваат каде било во светот. Но тие се' уште не заминале никаде. Граѓаните на Кицбил се уверени оти австриската влада во законите ќе остави доволно дупки за руската елита и во иднина тука да се чувствува добро.