1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

(Не)возможна мисија: Патување за Божик во татковината

Ненад Крајцер
22 декември 2020

Посета на роднините на Балкан за време на Божиќните празници отсекогаш е поврзана со доста стрес и трошоци. Оваа година патот на југоисток на Европа е поврзан со повеќе пречки од обично

https://p.dw.com/p/3n3I4
Slowenien - Kroatien Stau an der Grenze
Фотографија: AP Photo/picture alliance

Прво и основно: не одете ако не морате. Треба да се следат упатствата на властите и да не се патува ако не е неопходно. Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер уверува дека „роднините ќе им се радуваат на подароците и кога ќе помине опасноста од коронавирусот". Од патување секако одвратуваат, и тоа не само со апели, туку и со конкретни забрани на движење и владите на земјите од европскиот југоисток.

Забрани за патувања нема, ама...

Но тоа е само теорија. Во пракса политичарите знаат дека во пресрет на Божикните празници кон југоисток на Европа тргнуваат маси луѓе. Оваа година можеби не толку голем број како претходните, но гужвите ги има, а во тоа се уверија сите кои на било кој начин последните денови од север се обидоа да стигнат до југот на Европа.

На баварскиот покраински премиер Маркус Зедер, кој и инаку предничи во предлозите за построги мерки, како последен обид за одвратување на граѓаните на Германија да тргнат на патување, пред сѐ преку граница, му падна на памет предлог за воведување задолжителни ПЦР тестови при враќањето во Германија. Моментно овие тестови по враќањето од корона-ризични подрачја се нужни само за оние кои не можат да поминат десет дена во самоизолација. И тоа дури по првите пет дена поминати во карантин. Не е познато што би сакал да постигне Зедер со оваа мерка, но познато е дека таа не се однесува на оние малубројните кои сепак ќе заминат во некое од уште отворените скијалишта во Швајцарија.

Повеќе на темата:

Ковид: Балканот бележи црни рекорди, Грција презема две приватни болници

Од ноември отворени граници без ПЦР-тестови во регионот

„Увезен“ коронавирус во Германија од Балканот

Косово: Љубовта кон семејството не штити од коронавирус

Баварскиот премиер и можен иден германски канцелар јасно ги имал предвид граѓаните со потекло од југоисточна Европа, зашто се покажа, како што рече, дека токму оваа група „гастарбајтери" по враќањето од летните празници предизвика пораст на бројот на инфекции во своите места на престој.

Зедер своето стравување го поткрепи со вестите за распродадени летови за овој дел од Европа во време пред Боќните празници.

Високи пречки

Без оглед дали Зедер ќе успее до крајот на неделата да се избори за оваа мерка на сојузно ниво, веќе сега пречките кои ги воведоа земјите низ кои треба да се помине за да се стигне дома за Божик и Нова година се високи.

На излез од Германија австриските власти спорадично ги проверуваат колоните кои влегуваат во земјата. Но, бидејќи во најголема мерка станува збор за транзит, досега не се создаваа поголеми застои како вообичаените за овој период кај Пасау и Салцбург.

Меѓутоа, Хрватска уште на крајот на ноември воведе мерки за забрана за премин на нејзините граници. За оние кои патуваат во Хрватска задолжително е покажување негативен ПЦР тест и тоа за оние кои доаѓаат од ризични подрачја, што моментно се однесува на целата ЕУ.

Од оваа обврска која се однесува само на оние чија крајна цел е Хрватска, постојат некои исклучоци. Така на страницата на хрватската влада на интернет посветена на прашања поврзани со пандемијата на коронавирус се наведува дека задолжителен негативен ПЦР тест не мора да покажат „лица кои патуваат од нужни семејни или деловни причини."

Ова е многу растеглива дефиниција, на нашето барање за објаснување од Министерството за внатрешни работи одговорија: „Нужноста како исклучок подразбира исклучиво непланиран, неочекуван или неодложлив настан (на пример смрт на член на семејство, доаѓање заради издржување член на семејство и слично) или виша сила (на пример елементарна непогода, настанување штета на имотот)."

Кога еднаш ќе стигнат во Хрватска, оние кои патуваат за таму ги чека нова препрека – од 23 декември се воведува забрана за патување меѓу жупаниите.

Тоа не се однесува на оние кои само транзитно поминуваат низ Хрватска, но проблем е што на невралгичната словенечко-хрватска граница  не се воведени одделни сообраќајни ленти за оние кои се само во транзит од оние кои остануваат во Хрватска, па им е потребен подолг разговор со граничниот полицаец. Полицијата додуша не комплицира околу ПЦР тестот и прифаќа и дигитални докази за негативен наод и тоа не германски (од лично иксуство). Но, секое па и кратко задржување на граница без вообичаено одмавнување со рака брзо создава непрегледни колони.

Долги чекања

Така на викендот на граничниот премин Брегана се чекаше и по осум часа. Најголем дел од возилата за крајно одредиште ги наведуваа Србија, Босна и Херцеговина или Косово, па теоретски сите тие можеа да бидат поштедени од овие маки на граница. На почетокот на неделава ситуацијата е малку смирена, но кон средината повторно може да се влоши поради оние кои во последен момент ќе решат да тргнат кон југоисток.

Кога ќе ја поминат словенечко-хрватската граница, патниците во транзит  можат релативно мирно да стигнат до своите крајни дестинации. Преку викенд додуша и на излез од Хрватска во правец кон Србија имаше подолги чекања, но и овие гужви во меѓувреме се намалени. Во Босна и Херцеговина можете да влезете без ПЦР тест ако сте државјанин или сте од соседните земји. По доаѓањето во БиХ исто така не е задолжителна ни самоизолација.

При влезот во Србија ситуацијата е поинаква. Сите странски државјани, ако не се на поминување, мора да покажат негативен ПЦР тест не постар од 48 часа. На државјаните на Србија влез им е дозволен без тестови но со задолжителен куќен карантин, кој може да се прекине во секој момент со приложување ПЦР тест со негативен резултат.

За влез во Северна Македонија во основа не постојат ограничувања, не е задолжително одење во карантин ни прикажување негативен ПЦР тест. 

На аеродромите ситуацијата преку викенд беше поопуштена, но не сосема. Постојат поплаки за непридржување на патниците на препораките за минимална физичка дистанца во чекалниците.

По враќањето во Германија и Австрија по празниците, сите оние кои не можат да издржат без вообичаениот празничен „аџилак" на југоисток, ги чекаат строги мерки и десетдневна самоизолација. И соседите со прекорни погледи.