1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Oхридскиот маратон му треба публицитет

14 август 2011

Агенцијата за спорт и млади го спасува Охридскиот пливачки маратон. Лесно можеше за сребрениот јубилеј да го снема. Некогаш и шеици доаѓале, а последниве години речиси и да нема кој да ги пречека пливачите на целта.

https://p.dw.com/p/12GGD
Од славното минато на Охридскиот маратон останаа само спомениФотографија: DW

Заканата, како стар рефрен, дека ако државата или локалната власт не го одврзат ќесето ќе нема маратон во Охрид можеше да се слушне до пред десет дена. По неколкугодишната агонија, оваа престижна спортска манифестација, членка на ФИНА отиде под закрила на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија. Директорот Диме Спасов е дециден дека тоа нема да биде со краток здив:

„Маратонот е од интерес на Охрид, за македонскиот спорт и за државата. Годинава агенцијата за млади и спорт го поддржува маратонот со еден и пол милион денари, а од сегашните 25.000 американски долари догодина дополнителено ќе се збогати награден фонд, како и организацијата, за маратонот да стане попривлечен“, вели Спасов.

Во агонијата никој не мислеше на публицитетот

Последниве неколку години во јавноста единствено се пишуваше и зборуваше во стилот: „Ќе го биде или не?“ потврдува Кочо Паскали, претседател на клубот „Охридски бранови“ организатор на маратонот:

Koco Paskali
Кочо ПаскалиФотографија: DW

„Грубо, маратонот чини шеесет до седумдесет илјади евра. Тука спаѓаат: наградниот фонд и котизацијата од 5.000 долари за ФИНА, сместувањето, придружбата на пливачите и другите трошоци. “

За маратонот, иако е атрактивен и годинава во Охрид е последна трка од Гран при серијата на ФИНА речиси и да нема реклама низ градот, а ретко се пишува и во медиумите. Организаторите се свесни дека им недостасува публицитет:

„Поради проблемите со финансиите ние не се концетриравме на маратоните, на трката, за жал. Нема анимација, медиуми, спотови. Се надевам дека во иднина посериозно ќе се гледа на овој значаен спортски настан, кој на свој начин би го промовирал и туризмот“, додава Паскали.

Некогаш во Охрид доаѓаа и шеици заедно со принцезите

Носталигчно на времето минато и на почетоците на Охридскиот пливачки маратон гледа и 82 годишниот тренер, некогашниот пливач и организатор Александар Леко Радиќ :

„Би бил среќен, кога сега маратоните би изгледале како на почетоците. За првпат Охридскиот маратон се пливаше во 1962 година. Тогаш имавме по 40 до 50.000 гледачи, а последниве седум – осум години на целта има само по околу 500 гледачи кои ги дочекуваат со аплауз пливачите. Тоа се должи на слабата реклама на маратониот во медиумите, за разлика од некогаш.“

Aleksandar Leko Radic
Александар Леко РадиќФотографија: DW

Маратонот првите години се пливаше на релацијата Пештани – Струга – Охрид во должина од 35 километри. Дури по возобновувањето во почетокот на деведесеттите од минатиот век трката започнува од Свети Наум, вели Радиќ и ни открива како во Охрид го довел и шеикот од Кувајт:

„Во 1960 година на маратонот во Капри, каде што Дики Бојаџи беше прв, таму присуствуваше и шеикот од Кувајт, Ел Габар ел Сабах. Се досетив дека е убаво да го поканам во Охрид. Тогашниот градоначалник на Охрид Никола Горичан ми одобри и шеикот беше поканет. Цели четири години шеикот доаѓаше во Охрид со голема придружба и беше главен мецена, делејќи во тоа време 1.000 фунти за првите тројца маратонци.“

Нови пливачки надежи

Паралелно со преживувањето на маратонот, цели две децении Охрид до ова лето беше без базен. Локалната власт смогна сили и средства и го реконструира отворениот базен. Започна новата пливачка школа, која е бум во градот. Државата и локалната власт експресно најавуваат изградба дури на два затворени базени: еден рекреативен, друг спортски. Од нив сигруно ќе се роди по некој нов Дики и Атина Бојаџи, Нико Нестор, Климе Савин или Маленко, за да ја брани честа на Охрид на маратонот и воопшто пливањето.

Македонија, денеска (14.08.) на маратонот ќе ја претставуваат пливачите: Томи Стефаноски, Евгениј Поп Ацев, Александар Илиевски, Дејан Младеновски и Александар Панчески. Меѓу вкупно 22 натпреварувачи, десет се жени. Патеката „Климе Савин “ долга 30 километри пак ќе се обиде прв да ја преплива деветкратниот победник Петар Стојчев од Бугарија. Тука е и минатогодишната победничка, маратонката Карла Ситиќ од Хрватска.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Трајче Тосев