1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Турција не и‘ е виновна само американската ФЕД

Томас Зајберт / Елизабета М. Фиданоска1 февруари 2014

Покачувањето на каматите од страна на турската централна банка помогна само краткорочно. По новите одлуки на американската централна банка, лирата е повторно под притисок. Но Турција дел од проблемите ги произведе сама.

https://p.dw.com/p/1B1JA
Фотографија: Fotolia

Од 4,5 веднаш на 10 проценти - со вакво драстично зголемување на есконтните каматни стапки, централната банка во Анкара на средината од неделава постапи спротивно на волјата на премиерот Реџеп Таип Ердоган. Затоа многумина од набљудувачите на одлуката гледаат како на знак за независност на чуварите на валутата. Владиниот камп пак ја повторува својата скепса. Ердоган рече дека и натаму е против зголемување на каматите. Тој стравува дека повисоки камати ќе ги закочат инвестициите и потрошувачката во Турција и на тој начин ќе и‘ наштетат на конјунктурата. И сето ова непосредно пред локалните избори во март.

Весникот „Јени Шафак“, кој е близок на власта, оценува дека станува збор за „каматен пуч“ и зборува за победа на „каматното лоби“. Тоа, според Ердоган, се домашните и странските инвеститори кои наводно се залагаат за високи камати за така да и‘ наштетат на Турција. Целта за пораст од четири проценти годинава веќе не може да се постигне. Сметката ќе ја платат претпријатијата и потрошувачите во Турција, предупредува „Јени Шафак“. Освен тоа, падот на лирата не е запрен.

Flash-Galerie Bilder der Woche Türkin Einkauf
Ердоган стравува дека повисоки камати ќе ги закочат инвестициите и потрошувачката во ТурцијаФотографија: picture-alliance/dpa

Свртување на ФЕД

Турција ни оддалеку не е единствена земја во забрзан подем која ги чувствува последиците од одлуките на американската централна банка ФЕД. Погодени се и Индија, Бразил, Јужноафриканската Република и други држави. Сите тие во текот на изминатите години профитираа од тоа што меѓународните инвеститори бараа атрактивни места за своите пари, откако ФЕД со купувањето обврзници во САД почна да ги спушта каматите.

Но времето на приливот на долари во земјите во забрзан развој завршува. ФЕД го намали купувањето обврзници. Со оглед на тоа што сега и во САД се насмевнуваат повисоки камати, многу инвеститори ги повлекуваат своите пари од земјите во забрзан подем. Земјите како Турција можат да се обидат со повисоки камати, значи повисоки добивки за инвеститорите, да дејствуваат во спротивна насока, но трендот останува јасен и оди во другиот правец.

„Добрите времиња се минато“

Се‘ да и‘ се припише на ФЕД би било преедноставно, оценува Синан Улген, директор на независната тинк-тенк организација ЕДАМ во Истанбул. Турскиот модел на пораст пропадна, вели Улген за ДВ. Турскиот успех се заснова на ниски камати ширум светот и соодветно на тоа - многу капитал во Турција. „Со години е јасно дека ваквиот модел умира, поради тоа што централните банки како ФЕД повторно ги зголемуваат каматите.“ Освен тоа, обвинувањата за корупција на сметка на владата на Ердоган ја потресува политичката стабилност во земјата и ги плаши инвеститорите.

Türkische Lira / Türkei
Лирата е под притисокФотографија: DW

Турција сега не може да стори многу, оценува Улген за Дојче веле. Анкара во изминатите години пропушти да ја направи својата економија поробустна со структурни реформи и зголемување на продуктивноста и подобрување на образованието. Тоа се долгорочни промени кои своето влијание го покажуваат дури по неколку години, како што е Агендата 2010 во Германија, вели Улген. Турција во годините на рекордни стапки на пораст меѓутоа не донесе ниту една слична реформска програма. „Сега е предоцна“, гласи заклучокот на Улген. „Добрите времиња се минато.“

Ердоган и планот Б

На тоа премиерот Ердоган, се разбира, гледа сосема поинаку. Во неговата стратегија за локалните избори во март и претседателските налето, голема улога играат економските успеси во изминатите години и порастот годинава. Неговиот отпор против зголемувањето на каматите тој го потенцираше јасно повеќе пати. Истовремено, тој зборува за „План Б“ и „План Ц“ на неговата влада во случај мерките на централната банка да немаат ефект. Во печатот се шпекулира дека Ердоган размислува, меѓу другото, за контроли на капиталот со што би се спречил брз одлив на странските пари.

Ваков вид дратсични интервенции меѓутоа на крајот само ќе и‘ нанесат уште повеќе штета на Турција, нагласува Емре Деливели, колумнист за економски теми на „Хуриет Дејли Њус“. Зашто во иднина инвеститорите ќе размислат два пати пред да инвестираат пари во Турција, оценува тој за ДВ.