На Кина ѝ успеа слетување на задната страна на Месечината
3 јануари 2019Историски успех за Кина, која сѐ уште е новајлија во вселенските истражувања. Во 3:26 часот по средноевропско време вселенската сонда „Chang'e 4“ слета на кратерот Аиткен, во близина на јужниот пол на Месечината, јавија кинеската државна новинска агенција Ксинхуа и државната телевизија ЦЦТВ.
Со тоа Кина станува прва нација на која ѝ успеало да слета на задната страна на Месечината. По успешното спуштање на површината на Месечината, сега роботско возило од „Chang'e 4“ ќе го истражува теренот во околината. За таа цел, возилото е опремено со панорамска камера и многу други мерни апарати.
Повеќе: Кина сака „зад Месечината“
Меѓу другото, планирани се експериметни со ниски радио фреквенции. Без атмосферата на Земјата и други пречки, астрономите во тишината на Вселената можат подобро да фаќаат сигнали и се надеваат на нови сознанија во врска со настанувањето на ѕвездите.
Кинеските експерти пред почетокот на мисијата оценија дека таа ќе биде многу сложена и со многу цели. Како пречка беше наведен можниот проблем во комуникацијата со Земјата, поради тоа што на задната страна на Месечината не може да се создаде директна врска. Поради тоа, Кинезите уште во мај го поставија во позиција преносниот сателит „Queqiao“, кој треба да помага за испраќање на сигналите.
Освен тоа, „Chang'e 4“ носи и семиња, со цел да се провери дали е можно садење зеленчук во изолирана околина, при ниска гравитација на површината на Месечината.
На вселенската сонда има и апарат за мерење на зрачењето, изработен од научниците на универзитетот „Кристијан Албрехт“ во Кил, Германија. Апаратот една година ќе го мери зрачењето и концентрацијата на вода на почвата и податоците ќе ги испраќа до Земјата.
Сознанијата би требало да помогнат за подготовка на мисии во кои ќе има и луѓе. Во 2019 година Кина планира уште една мисија без екипаж, која би требало да земе проби од површината и да ги донесе на анализа на Земјата.