1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На земјите од екс-Југославија им се заканува должничко ропство

Б. Георгиевски/бета2 мај 2014

На сите земји од поранешна Југославија им се заканува должничко ропство поради јавниот долг од 90 милијарди евра, оценува словенечкиот дневен весник „Дневник“.

https://p.dw.com/p/1Bslf
Фотографија: DW

„Јавниот долг на земјите од поранешна Југославија изнесува 90 милијарди евра, додека пред распадот на заедничката држава изнесуваше околу 20 милијарди евра. Сите тие земји, освен Словенија, полека се приближуваат кон должничко ропство, доколку не преземат итни и строги мерки“, наведува весникот.

Словенечки „Дневник“ пишува дека во моментов рекордер во јавниот долг е Словенија со 28,8 милијарди евра, но нејзиниот брутодомашен производ е највисок од сите тие држави, па има можност и да го отплати долгот.

„Јавниот долг на Словенија порасна на 71,7 отсто од БДП, а се проценува дека оваа година ќе достигне 81 отсто, а тоа е речиси четири пати повеќе од 2008. година, пред избувнувањето на глобалната финансиска криза“.

На второ место е Хрватска со долг од 28,7 милијарди евра. Следува Србија со долг кој надмина 20 милијарди евра или 63,3 отсто од БДП.

БиХ има јавен долг од 5,5 милијарди евра, Македонија од 2,7 милијарди евра, а Црна Гора - 1,7 милијарди евра.

Соработникот на Инстиутот за пазарни истражувања Саша Ѓоковиќ изјави дека земјите од поранешна Југославија полека тонат во должничка криза бидејќи распадот на поранешната држава „деструктивно влијаеше врз индустријата, производството е намалено и значително е опадната конкурентноста во стопанството и во фирмите“.

„Пазарите во Азија и Африка се загубени“, заклучува Ѓоговиќ во анализата на словенечки Дневник.