Оставка на Карамарко
21 јуни 2016Претседателот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Томислав Карамарко (насловна фотографија), денеска изјави дека поднесува оставка на таа функција, само 2 месеца откако беше реизбран за лидер на најголемата парламентарна партија.
„Поднесувам оставка, бидејќи ѝ ветив на партијата оти ќе успеам да формирам ново парламентарно мнозинство, а во тоа не успеав. Тоа е нормално во цивилизираниот свет и на некој начин се сноси одговорност“, изјави Карамарко за новинарите во седиштето на ХДЗ.
Тој нагласи дека оставката ја поднесува во интерес на својата партија и оти ХДЗ „мора и понатаму да победува“.
Карамарко оцени дека и натаму смета оти уривањето на владата која ја водеа ХДЗ и движењето Мост е добар потег, бидејќи таа не функционирала. На прашањето го очекува ли судбината на неговите претходници на чело на ХДЗ, односно исклучување од партијата, Карамарко одговори дека не очекува такво нешто, бидејќи е во добри односи со својата партија.
Оставката уследи по барањето на дел од партискиот врв. Тие сметаат оти Карамарко е најодговорен за погрешната проценка, односно затоа што ХДЗ ја собори владата во која учествуваше, а не успеа да собере ново парламентарно мнозинство за нова влада која би ја водел министерот за финансии Здравко Мариќ.
Нови избори во ХДЗ, нови избори во Хрватска
Претседателството на ХДЗ, денеска одржува прва седница по падот на владата на Тихомир Орешковиќ минатата недела. Во меѓувреме во медиумите хрватскиот европарламетарец Андреј Пленковиќ најави подготвеност да се впушти во борба за местото претседател на партијата, ако бидат распишани нови избори за партискиот врв.
Хрватскиот парламент во минатиот четврток изгласа недоверба на премиерот Тихомир Орешковиќ и со тоа по само 5 месеци ја урна владата на десниот центар која ја сочинуваа ХДЗ и Мост.
Барањето за отповикување на владата ја започна ХДЗ и дел од неговите коалициски партнери од „Патриотската коалиција“. Парламентот вчера, на предлог на опозицијата, донесе одлука за самораспуштање, а одлуката за тоа ќе стапи во сила на 15. јули.
Хрватска се најде во сериозна криза на власта откако во медиумите се откри аферата „Консултантка“, односно, бизнис поврзаноста на маркетиншката фирма Дримиа на сопругата на првиот потпретседател на владата, Томислав Карамарко, со фирмата на неговиот пријател Јосип Петровиќ, консултант на унгарскиот нафтен концерн МОЛ, со кој Хрватска е во арбитражен спор околу нафтената компанија Ина.