Најдобрите фудбалери кои никогаш не стигнале до меѓународна титула
Повлекувањето на Лионел Меси од репрезентацијата по поразот на Копа Америка значи дека тој никогаш нема да освои меѓународна титула со Аргентина. Но тој не е осамен. И многу други ѕвезди ја имаа истата судбина.
Лионел Меси
Суперѕвездата на Барселона беше најголемата надеж на Аргентина откако за првпат го облече дресот пред 11 години. И покрај огромните успеси кои ги имаше со клубот, Меси сепак не успеа на Аргентина да и го донесе првиот трофеј по 1993 година. Три пати загуби во финалето на Копа Америка, и загуби од Германија во финалето на СП во 2014 година.
Јохан Кројф
Уште еден случај на „толку блиску, а толку далеку“. Кројф, од многумина сметан за еден од најдобрите на сите времиња загуби во финалeто во 1974 од Германија, а подоцна одлучи да не игра во 1978 во Аргентина. Холандската легенда успеа да стигне само до третото место на Европското првенство во 1976, но никогаш не го повтори успехот кој го имаше на клупско ниво со Ајакс и Барселона.
Зико
Легендарниот Зико три пати беше избран за најдобар играч во Јужна Америка, а еднаш и за најдобар во светот, но и покрај тоа што постигна неверојатни 66 гола во 88 настапи за Бразил, репрезентациите кои ги предводеше никогаш не минаа подалеку од четвртфинале на Светското првенство.
Раул
Раул беше капитен на шпанската репрезентација и постигна 44 гола на 102 настапи,но на негова жал, тоа се случуваше пред „Црвената фурија“ да започне да освојува трофеи. Неговиот последен меѓународен настап беше на 6 септември 2006 година против Северна Ирска, две години пред неговите соиграчи да го освојат Европското првенство, за првпат по 1964 година.
Ференц Пушкаш
Унгарскиот национален тим од 50-те, сметан за еден од најдобрите на сите времиња, не загуби меч цели четири години, а Пушкаш беше неговиот главен играч. Потоа дојде Хелмут Ран кој постигна два гола за Западна Германија во финалето против Унгарија во 1954, и го остави Пушкаш без меѓународен трофеј.
Џорџ Бест
Некои знаеја да кажат: „Марадона добар, Пеле подобар, Џорџ Бест (најдобар)“. Северноирското крило беше еден од најталентираните фудбалери на сите времиња и успеа да го освои Купот на Шампионите со Манчестер Јунајтед во 1968 година. Но, Бест не успеа да освои трофеј со својата земја, затоа што Северна Ирска во негово време не се ни квалификуваше за ниту еден поголем турнир.
Еузебио
Многумина го сметаа Еузебио за најдобар фудбалер во светот по Светскиот Куп во 1968 година, кога неговиот Португал заврши на трето место. Но тоа беше најблиску што дојде до меѓународен трофеј. За среќа, успеа да освои многу титули со својата Бенфика, вклучително и Европскиот куп.
Стенли Метјус
„Волшебникот на дриблингот“ беше првиот добитник на наградата Најдобар европски фудбалер во 1956 и, неверојатно, играше во англиската прва лига се до својата 50. година. Играше само на едно Светско првенство во 1954, кога Англија загуби од Уругвај во четвртфиналето.
Паоло Малдини
Неговата техника и одбранбени квалитети беа речиси исто толку неверојатни како и неговиот изглед. Паоло Малдини беше еден од најдобрите дефанзивци на своето време, но иако освои неброени трофеи со својот клуб Милан, не успеа да стигне до репрезентативна титула. Најблиску беше на СП во САД во 1994 година, кога Италија загуби во финалето од Бразил на пенали.