Најдобрите моменти од Еуро2016
Европското првенство во фудбал, за првпат во новиот формат со 24 тимови, донесе многу убави приказни, иако фудбалската понуда не беше најдобра. Ова беше првенство на аутсајдерите.
Незаборавната песна
"Will Grigg's on fire" е песната на Еуро 2016- дури и пред официјалната, но непопуларна, химна на Дејвид Гета, доколку им се верува на социјалните мрежи. Григс не одигра ни една минута на турнирот за Северна Ирска но слоганот доби огромна популарност на Јутјуб. Каде и да игра во иднина, одбраните ќе бидат преплашени!
Селфито на ЦР7
Навивачите навистина беа извонредни на првенството, но овој веројатно не смееше да се најде на теренот, па дури и да успее да направи селфи со Кристијано Роналдо.
„Проблемите“ на Лев со пантолоните
Социјалните мрежи играа голема улога на Еуро 2016 и за несреќа на селекторот на Германија Јоахим Лев, тој стана мета на шегите. Лев беше снимен со рацете длабоко во пантолоните за време на мечот против Украина и потоа веќе немаше мир.
Спектакуларна одбрана
Веројатно најдобрата одбрана на првенството не ја направи голман. Дефанзивецот на Германија, Жером Боатенг акробатски спаси сигурен гол на мечот против Украина. Германија победи со 2:0.
Користење на пиротехника
Немаше само радост на трибините на Еуро 2016. Се врати пиротехниката на големите натпреварувања, а бројни факли завршија на терените. УЕФА ги казни националните сојузи, но многумина се чудеа како француското обезбедување ја пропуштило пиротехниката на стадионите.
Се вратија хулиганите
Не беше само пиротехниката. Хулиганизмот го покажа своето грдо лице на Еуро 2016, особено пред и по натпреварот меѓу Русија и Англија. Русија беше казнета со закана за суспензија. Изолирани инциденти и тепачки имаше и пред други натпревари.
Златан се прости од репрезентацијата
Меѓународната фудбалска сцена и онака не беше неговата омилена. Златан Ибрахимовиќ се прости од репрезентација со уште еден неуспех. Шведска испадна во групната фаза, а Златан го продолжи фудбалскиот пат во Манчестер Јунајтед.
Пенал-танцот на Заза
Пенал пресметката меѓу Германија и Италија ќе остане запаметена по бројните промашувања, некои од нив и комични. Симоне Заза влезе од клупата токму за да шутира пенал, но неговиот смешен залет и големото промашување предизвика хистерија од шеги на социјалните мрежи.
Навивањето на исландските навивачи
Начинот на кој исландските навивачи ги бодреа своите фудбалери ќе остане запаметен, а некои други веќе почнаа и бесрамно да го копираат. Малиот Исланд направи чуда на првенството, успевајќи да се пробие до четвртфиналето, патем елиминирајќи ги посрамените Англичани.
Гризман е најголема ѕвезда
Францускиот напаѓач Антоан Гризман го заврши првенството како прв стрелец со 6 гола, од кои два во полуфиналето против Германија. 25-годишното крило на Атлетико Мадрид е меѓу најбараните играчи во преодниот рок и се очекува да ја предводи репрезентацијата уште долги години.
Гордоста на Португалија
Португалија е новиот европски шампион. Не беа којзнае колку добри, се мачеа, но успеаја. Триумфот на Португалија најдобро го карактеризира и целото првенство- многу драма, малку квалитет.