Најдобрите германски репрезентативци на сите времиња
Во германската репрезентација отсекогаш имало извонредни фудбалери. Жири составено од спортски новинари ги одбра најдобрите 11-мина на сите времиња, кои во иднина ќе можат да се видат во „Куќата на славните“ во Дортмунд.
Сеп Мајер
Сеп Мајер, поради неговата агилност, беше нарекуван и „Мачката од Анцинг“. Голманот со своите 95 настапи е рекордер меѓу бранителите на мрежата во германската репрезентација и со неа стана европски шампион во 1972 година и светски шампион во 1974 година.
Паул Брајтнер
Дефанзивниот играч од средината на теренот Паул Брајтнер важеше за генијален стратег на теренот и за спорен револуционер надвор од него. Во 1974 година тој стана светски шампион со германската репрезентација, а две години претходно европски шампион.
Франц Бекенбауер
Најголемите успеси на Франц Бекенбауер се титулите светски шампион во 1974. како играч и во 1990. како селектрот на германската репрезентација. Тој важи за легенда на германскиот фудбал и со неговата леснотија и извонредна техника тој ја промени играта на либерото како никој друг играч во светот. Тој се разбира е „почесен капитен“ на германската фудбалска репрезентација.
Андреас Бреме
Одбранбениот играч Андреас Бреме со еден шут испиша германска фудбалска историја. Тој, имено, во финалето на Мундијалот во 1990 година успешно го изведе пеналот за 1:0 и конечна победа против Аргентина. Бремедолги години беше бек од светска класа, еднакво добар со двете нозе - тогаш новитет во меѓународниот врвен фудбал.
Фриц Валтер
Фриц Валтер припаѓа кон извонредните личности на германскиот фудбал. При освојувањето на светската титула во 1954, тој не само што беше капитен на репрезентацијата, туку и продолжена рака на теренот на тренерот Сеп Хербергер. Освен тоа, Валтер беше првиот играч во историјата прогласен за „почесен капитен“ на германската фудбалска репрезентација.
Лотар Матеус
Тој беше исклучителниот играч на СП во Италија во 1990. Лотар Матеус беше доминантна фигура во германската репрезентација, која на крајот ја освои титулата. Тој е рекордер по бројот на настапи во репрезентацијата - 150 и по настапи како капитен - 75. Матеус играше на вкупно пет светски првенства и е еден од само шесте „почесни капитени“ на германската фудбалска репрезентација.
Матијас Замер
Двигател, стратег, борец: Матијас Замер прво играше 23 пати за репрезентацијата на Германската Демократска Република, а по обединувањето и за репрезентацијата на Сојузна Република Германија. Во 51 натпревар тој постигна 8 голови. Негови најголеми успеси беа освојувањето на европското првенство во 1996. во Англија и второто место на ЕП 1992 во Шведска.
Гинтер Нецер
Тој се смета за естет и за прв хедонист на германскиот фудбал. И е еден најдобрите играчи од средниот ред на сите времиња. Нецер беше „десетка“ која со своите додавања знаеше да ги „послужи“ соиграчите. Во 1972 година со репрезентацијата стана европски првак, на СП во 1974 играше само на еден натпревар и не се чувствуваше како светски првак. Десет години беше член на германската репрезентација.
Хелмут Ран
„Ран би морал да шутира, Ран шутира, гоооол“, врескаше во 1954 година репортерот Хеберт Зимерман пренесувајќи го на радио натпреварот од Берн. Десното крило Хелмут Ран го постигна решавачкиот гол за 3:2 против Унгарија во финалето на СП и ја одушеви целата нација. „Шефот“, како што го нарекуваа поради угледот и улогата на лидер на теренот, за репрезентацијата одигра 40 натпревари и постигна 21 гол
Герд Милер
Герд Милер беше голгетер каков што ретко се гледа. Во 62 натпревари за репрезентацијата постигна 68 голови. Милер погодуваше особено кога беше најважно. Во финалето на СП 1974 го постигна одлучувачкиот гол за 2:1 против Холандија.Во 1972 година „бомбардерот на нацијата“ беше во репрезентацијата која го освои европското првенство. Милер едноставно погодуваше од секоја ситуација и во секоја можност.
Уве Зелер
Уве Зелер е единствениот „почесен капитен“ на репрезентацијата кој никогаш не станал светски првак. Своевремено Зелер се сметаше за еден од најдобрите напаѓачи во светот и беше вистински џентлмен. Како капитен на репрезентација на Мундијалот во 1966 година го освои второто место, а на СП во 1970. - третото. Зелер во 72 натпревари за репрезентацијата постигна 43 гола.
Сеп Хербергер
Селекторот Сеп Хербергер важи за мозокот на „Чудото од Берн“, кога Германија во 1954 стана светски првак победувајќи го во финалето неприкосновениот фаворит - Унгарија. Хербергер на играчите им беше како втор татко и секогаш се трудеше со нив да воспостави добри човечки односи. Од 1936 до 1942 и од 1950 до 1964 година беше селектор на германската фудбалска репрезентација.