НАТО бара договор со Авганистан
4 декември 2013НАТО го става претседателот на Авганистан Хамид Карзаи под голем притисок: многу скоро тој би требало да потпише безбедносен договор со НАТО за периодот по повлекувањето на повеќето странски трупи. САД имаат намера да склучат со Авганистан таков билатерален договор. Во него на пример би требало да биде регулирано, странските војници во случај на правен спор, да не бидат изведени пред исламски суд. Овој договор би требало да биде основа за договорите со останатите нации кои таму испраќаат трупи. Меѓутоа Карзаи постојано поставуваше услови и договорот всушност сака да му го препушти на неговиот наследник, кој треба да биде избран во април. Министрите на НАТО меѓутоа сметаат дека тоа е предоцна. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле од Брисел испрати опомена до Карзаи, да не игра на картата време. „Ние мораме да планираме, мораме да донесуваме логистички одлуки“. Рок официјално никој не сакаше да постави. Меѓутоа НАТО до крајот на годинава сака да има чиста ситуација.
Без потпис нема пари
Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Размусен навести што е во игра, доколу Карзаи и натаму остане на својот курс: „Доколку недостасува потписот под договорот, не може да се испраќаат инструктори“. НАТО има намера по повлекувањето во земјата да останат повеќе илјади меѓународни војници и да ги обучуваат силите за безбедност на Авганистан. Доколку НАТО не може да ја стартува мисијата за обука, би била загрозена безбедноста во Авганистан, подвлече Размусен.
Од потписот зависат уште повеќе работи, смета Размусен. Би била загрозена исто така и финансиската помош, која ја вети меѓународната заедница како и развојната помош. Станува збор за многу пари. За плати на авганистанските војници и за развојна помош годишно се ветени по три милијарди евра. Авганистан не може да се откаже од оваа поддршка, затоа притисокот врз Карзаи е огромен, сега конечно да потпише. Истовремено НАТО полага на тоа да се укаже дека Алијансата само дава понуди, а не е „окупаторска армија“, нагласи Размусен.
Осудено насилството против украинските демонстранти
Министрите за надворешни работи и генералниот секретар изразија загриженост во контекст на судирите меѓу демонстрантите и полицијата во Украина, кои избија откако земјата под притисок на Русија го одложи потпишувањето на Договорот за асоцијација со ЕУ. Денеска министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел треба да се сретнат со нивниот колега Сергеј Лавров. Односите во моментов се затегнати. Размусен ја осуди како што кажа „прекумерната употреба на насилство од полицијата“ во Киев и побара од украинската влада да ги почитува „основните демократски принципи вклучително и слободата на собирање и изразување на мислењето“. Украина како и секоја земја „има право да оди по својот сопствен пат и да ги бира своите сојузници. Но, јас очекувам овој процес на одлучување да биде реално демократски“.
Во заедничкото соопштение на министрите се повикуваат „сите страни“ да се откажат од провокации и насилство. Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери ја посоветува украинската влада, „итно да го чуе гласот на народот, кој се стреми кон слобода, шанси и добросостојба“. Насилството „нема место во една модерна европска држава“. Целта на сите страни би требало да биде Украина да се врати на курсот на европската интеграција, порача Кери.
Пред години и под друга влада Украина се стремеше и кон членство во НАТО. И Грузија и натаму работи на оваа цел и затоа беше пофалена од Расмусен. За раководството во Москва меѓутоа секое приближување на поранешните советски републики кон западните структури добива црвен картон.