1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наредниот чекор електро-Порше?

Кристијан Прицелиус/ Зоран Јордановски16 септември 2015

Порше АГ во 2014 година е најпрофитабилен производител на автомобили во светот. На саемот на автомобили во Франкфурт претставува еколошки концепти за иднината. ДВ разговараше со Матијас Милер, шеф на Порше.

https://p.dw.com/p/1GX9P
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst

ДВ: Добивките на Порше растат од деведесеттите години на минатиот век. Лани достигнаа 2,2 милијарди евра. Како ви се одразуваат турбуленциите на кинескиот пазар и кризното руско стопанство?

Милер: Во Русија пливаме против трендот - барем досега, тој проблем нас уште не не’ засегна. Во Кина проблемот не погодува и нас, но се обидуваме да го решиме со соодветна структура на понудата и цената и уверени сме дека тој може да се реши.

ДВ: Лани Порше произведе околу 200 000 автомобили. Една четвртина од нив се пласирани во САД. Но, се чини дека годинава Кина, и покрај кризата, ќе ги потисне САД и за прв пат ќе стане најголем пазар за пласман на Порше.

15.09.2015 DW Made in Germany Matthias Müller Porsche
Матијас МилерФотографија: DW

Милер: Годинава веројатно ќе биде така - Кина за прв пат да биде пред САД. Во основа, всушност, се рамо до рамо. Неколку автомобили повеќе или помалку - ние сме задоволни дека сме претпријатие кое во трите големи региони на светот продава приближно еднаков број на автомобили и може да реагира на привремените слабости на пазарот.

ДВ: Вие своевремено решивте да го проширите производството на таканаречените СУВ (спортски „теренци“ - н.з.). Денес продавате повеќе такви, отколку вообичаените спортски автомобили.

Милер: Нашиот економски резон беше дека иднината на Порше не може да лежи само во моделот 911. Мораме да гледаме какви барања во однос на автомобилите имаат денешните и купувачите на утрешнината. Во моментов е многу баран СУВ-форматот. Додека ни успева гените од 911 да ги одразиме и во СУВ, тоа ќе е вистинско решение.

ДВ: На шестчасовната трка на патеката Нирбургринг за светско првенство, на 30. август возилата на Порше ги освоија челните места. Победничкото беше хибридно возило, веројатно најбрз тркачки автомобил од тој вид во светот. Дали е тоа техника на утрешнината?

Милер: Таа хибридна техника за нас е чекор кон алтернативна мобилност. Наредниот чекор секако ќе биде чисто електрично возило. Прашање е само кога ќе дојде тоа, па дотогаш за нас е плаг-ин-хибридната технологија (комбинација од електро и мотор со внатрешно согорување, кај која акумулаторот може да се полни на приклучок за струја - н.з.) докажано средство за да се премости времето. Ние докажавме дека со таков автомобил може да се победува на трки и тоа против силни конкуренти.

IAA Frankfurt - Porsche 911 und Carrera S
Фотографија: Getty Images/AFP/O. Andersen

ДВ: Голема тема е и автоматизираното возење. Тоа веќе почнува во вашите модели. Но, многумина возачи на Порше повеќе сакаат аналогно возење, вистинско тркачко чувство.

Милер: На крајот сепак ќе испадне дека автоматизираните возења се само прашање на време. Но, тоа не е утре, а верувам ни задутре. Она што натамошно се развива се системите за асистенција на возачот и сигурно ќе има и муштерии на Порше кои ќе кажат: Би сакал да го имам ова во мојот автомобил. Тоа не мора да биде ГТ3 или Порше 918, тие веројатно нема да имаат такво нешто. Но, мислам дека сигурно ќе има такви барања за моделите Панамера или Кајен.

Матијас Милер, роден 1963, е претседател на Управниот одбор на Порше АГ. Кариерата ја започна во Ауди, подоцна отиде во Волфсбург, во централата на Фолксваген, заедно со Мартин Винтеркорн, сегашен претседател на УО на концернот. Од 1. октомври 2010 година Милер е шеф на Порше и член на УО на концернот Фолксваген.