1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напредок во борбата против злоупотреба на визниот режим

9 јуни 2011

Билансот на извештаите изработени во рамки на следењето на визната либерализација, според извори на ДВ, е позитивен во делот на сигурноста на документите и борбата против корупцијата, но проблем е бројот на азиланти.

https://p.dw.com/p/11XdZ
Остварена е главната цел на визната либерализација за Западен Балкан - олеснување на врските меѓу луѓетоФотографија: Glamcevski

Во извештајот се наведува дека е остварена главната цел на визната либерализација за Западен Балкан - олеснување на врските меѓу луѓето, подобрување на можностите за деловни врски и културна размена и подобро запознавање со ЕУ.

Државите од регионот, меѓутоа, ќе треба да ги засилат реформите за да се зацврстат и зачуваат овие постигнувања.

Во извештајот посебно се нагласува дека од досегашните искуства, спроведувањето на договорот за реадмисија е позитивно, како и дека државите од регионот направиле значајни напори за борба против злоупотребата на слободниот визен режим и дека се посветени на решавањето на ова прашање.

Ватле ги предупреди Македонија и Србија

Граѓаните на Македонија и Србија ризикуваат да ја загубат слободата да влегуваат во шенгенскиот простор без визи, бидејќи се‘ уште не е запрен протокот од лажни баратели на азил, предупреди денеска пред министерскиот совет во Луксембург, Мелкиор Ватле, белгискиот министер за имиграција.

„Постои ризик, тоа е јасно, тој е тука“, вели Ватле.

Мелкиор Ватле
Мелкиор ВатлеФотографија: AP

Откако во 2009 година визите беа укинати, Белгија, а потоа и Шведска, почнаа да се жалат на бројни барања за политички азил од српски и македонски граѓани кои се обидувале да го злоупотребат системот.

„Побаравме мониторинг, постоеја извесен број услови кои изгледа беа исполнети во 2009 година, кои денес веќе не се исполнети, посебно за Македонија. Ние сме се‘ уште со над сто случаи на ниво на Белгија, при што азил им се признава на помалку од 1% од барателите“, додаде Ватле.

Советот на ЕУ за внатрешни работи и правосудство изутринава го разгледа извештајот на ЕК за надзорен механизам за визна либерализација на Западен Балкан и новиот предлог за измена на правилата за слободен визен режим, кој предвидува забрзана процедура за суспензија на визната либерализација.

Во кои случаи би се вратиле визите?

Според документот на Европската комисија, Брисел може да одлучи за враќање на визите во три случаи: ако во период од шест месеци една земја на ЕУ констатира зголемување од 50% на баратели на азил, или зголемување од 50% на илегалци, или пак 50% повеќе реадмисии за една иста земја.

Einreise in das Schengen-Gebiet ohne Visum
Фотографија: Anila Shuka

Во Брисел се нагласува дека за враќање на визите нема да има автоматизам. Последните бројки покажуваат дека во Белгија во текот на мај, азил побарале 91 македонски државјани, наспроти 100 во април, или вкупно 452 од почетокот на годинава, со што Македонците се на седмото место. Од нив, статус на бегалец или азилант добило само едно лице.

Истовремено, во Швајцарија бројот на барателите на азил со македонско државјанство, втор месец по ред, се на третата позиција според бројноста. Во мај нивниот број се зголемил на 184 барања, во споредба со април кога биле доставени 127 барања за азил. Во соопштението на швајцарското биро за миграција, повторно јасно се нагласува дека најголемиот број на подносителите на барање за азил од Македонија се по потекло Роми, кои ја напуштиле земјата поради отсуство на социо-економски перспективи во земјата. Македонија од 2003 година се смета како сигурна земја, со што за сите барања за азил кои се поднесени од македонски државјани, според општото правило, се носи одлука за нивно неприфаќање од страна на швајцарските власти.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска