Напаѓачот на Бислимоски ќе добие кривична пријава
6 октомври 2021Аријанит Џафери, кој физички го нападна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, ќе добие кривична пријава за насилство од МВР. Џафери попладнево бил повикан на сослушување во полициска станица во Скопје, потврдија за ДВ извори во МВР. Џафери, според соопштение на МВР, „во целост го признал делото“.
Џафери, кој е син на поранешниот висок функционер од редовите на ДУИ Муса Џафери, и сопственик на компанија за снабдување со електрична енергија „У Пауер“ доцна синоќа го нападнал Бислимоски во еден ресторан во скопско Дебар Маало.
Според членот 386 од Кривичниот законик, на Џафери за кривичното дело насилство предвидена е казна затвор од три месеци до три години.
„Тој што друг малтретира, грубо навредува, ја загрозува неговата сигурност или врз него врши грубо насилство и со тоа во јавноста предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“ се наведува во КЗ.
На видео снимката од настанот снимена од очевидец може да се види како Џафери го влече Бислимоски и бара од неговата придружба, која во тој момент го држи, да го пуштат за да ја продолжи физичката пресметка која започнала неколку минути претходно. Се слуша Бислимоски кој вели „пушти ме“ и „зошто ме удри“.
Притисок за прекин на постапка
Очевидци за ДВ велат дека Џафери седнал на масата на која се наоѓал Бислимоски и најпрво барал објаснување од Бислимоски зошто Комисијата за енергетика започнала постапка за одземање на лиценцата на неговата фирма, а потоа и физички го нападнал. Џафери барал од Бислимоски да ја запре постапката против неговата фирма, а кога тој одбил, Џафери почнал да го удира по главата. Откако неколку пати го удрил и го влечел Бислимоски, три лица од придружбата на Џафери успеале да го отргнат и сите заедно избегале во непознат правец.
Причината за нападот врз Бислимоски е одлуката на Регулаторната комисија од 23 септември годинава да започне постапка за одземање на лиценцата за снабдување со електрична енергија на фирмата на синот на Муса Џафери. Врз основа на пријава од МЕПСО, од каде алармирале дека фирмата „У Пауер“ ја нарушува стабилноста на системот за електрична енергија и неоправдано троши резерви на струја за сопствен профит, од РКЕ одлучиле да поведат постапка против компанијата.
РКЕ: Нападот нема да смени ништо
Од РКЕ велат дека нападот врз Бислимоски нема да смени ништо во начинот на кој постапува Комисијата.
„Како досега така и отсега, РКЕ ќе продолжи да работи транспарентно и согласно законот, затоа што основен постулат во нашето дејствување е заштита на потрошувачите и обезбедување сигурност и стабилност во електроенергетскиот систем. Единствено по што се водиме е словото на законот, така и ќе продолжиме да ги водиме постапките врз основа на силата на аргументите, а не на физичка сила“, вели за ДВ портпаролката на РКЕ, Марина Узунов.
Нападот врз Бислимоски денеска го осуди и вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски.
„Го осудувам синоќешниот напад врз претседателот на РКЕ. Веќе се постапува по случајот. Ова е правна држава каде што институциите постапуваат еднакво за сите, пред законите сме сите еднакви, а несогласувањата може да се решаваат единствено преку процедурите и институциите на системот“, порача Николовски.