1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нагорен тренд на СПД; на актуелните проблеми на ЦДУ се надоврза и најавеното повлекување на Мерц

13 октомври 2004
https://p.dw.com/p/Ad3C
Ангела Меркел соочена со се‘ повеќе проблеми
Ангела Меркел соочена со се‘ повеќе проблемиФотографија: AP

Нагорниот тренд за германските социјалдемократи продолжува и за првпат годинава тие ја пречекорија границата од 30 проценти. Во анкетата на институтот Форза, објавена денеска, 31 насто од испитаниците се определија за СПД, што е за два процента подобар резултат отколку пред една недела. Во анкетите на истиот институт, социјалдемократите на почетокот на јули беа на само 23 проценти, за нив најниска вредност воопшто. Паралелно со подобрувањето на позицијата на социјалдемократите, опаѓаат симпатиите на избирачите за опозиционите демохристијани, иако тие и натаму имаат значителна предност. ЦДУ, разединета околу прашањата на курсот во социјалните реформи, сега е на 39 насто, процент помалку во споредба со минатонеделниот резултат. Притоа, анкетата е правена уште пред да биде објавено повлекувањето на Фридрих Мерц од местото во највисокото раководно тело на партијата и од позицијата потпретседател на фракцијата на ЦДУ во Бундестагот на крајот од годинава.

Потегот на Мерц, најавен вчера, уследи по повеќегодишна внатрепартиска борба за позиција и моќ со актуелниот шеф на партијата и на фракцијата Ангела Меркел. Се смета дека нивниот однос е разнишан откако Меркел по сојузните парламентарни избори во 2002-ра година го потисна Мерц од местото шеф на фракцијата. Самиот Мерц не наведе никакви причини за својот чекор. Во партијата, пак, неговото најавено повлекување предизвика жалење, но и критики.

Претседателот на партијата и на фракцијата Ангела Меркел синоќа во Мајнц, на регионалната конференција на организациите на ЦДУ од покраините Хесен, Рајнланд-Пфалц и Саарланд, агитираше за ставовите на партиското раководство околу реформите на пазарот на работна сила и во сферата на социјалата, но се задржа и на случајот Мерц. “Тој како пратеник во парламентот и натаму ќе го даде својот придонес посебно по прашањето што посебно го мотивира, имено даночното право. Па сепак, за жалење е и по малку тажно што се реши на таков чекор и мислам дека така чувствува и најголемиот дел од нас” – рече Меркел, која во меѓувреме имаше разговор во четири очи со Мерц.

Претседателот на партиската организација на ЦДУ за Северна Рајна Вестфалија, Јирген Ритгерс, безуспешно се обидел да го наведе Мерц да се премисли. “Ние се потрудивме да го убедиме дека треба да продолжи. Тој се реши поинаку; тоа мораме да го респектираме”. Генералниот секретар на ЦДУ Лауренц Маер не губи надеж: “Жал ми е и се надевам дека се‘ уште можеме да го предомислиме”. Покраинскиот премиер на Долна Саксонија Кристијан Вулф нагласува: “Тоа негово решение мора да се респектира, а не да се интерпретира”.

Потпретседателот на фракцијата на партиите на Унијата во Бундестагот Вили Бозбах му се спротивстави на впечатокот дека Ангела Меркел има вина за повлекувањето на Мерц и нагласува дека немало лични разлики меѓу нив. Но, Бозбах признава и дека чекорот на Мерц доаѓа во време во кое Унијата се наоѓа “во тешка фаза”. Во партијата се множат гласовите кои повлекувањето на Мерц го означуваат како слабеење на партијата. Поранешниот генерален секретар Хајнер Гајслер претпоставува дека тоа може да и‘ нанесе штета на Меркел и во потегот гледа доказ дека таа не успеала да му стави крај на спорот со Мерц "на начин што тој би се чувствувал благопријантно крај неа”. Покраинскиот шеф на ЦДУ за Бранденбург Јерг Шенбом отворено го критикуваше решението на Мерц : “Временскиот момент е во крајна мера несреќен” вели тој и укажува на можните последици од него и од спорот со сестринската ЦСУ за претстојните покраински парламентарни избори во Северна Рајна Вестфалија. И баварскиот покраински министер за финансии Курт Фалтхојзер од ЦСУ исто така смета дека потегот на Мерц доаѓа во момент “кој не е многу поволен за Унијата”.