1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Набљудувачите се подготвуваат за изборите во Македонија

13 април 2011

Mеѓународните набљудувачи, кои ќе ги следат предвремените избори во Македонија почнаа со подготовките. Македонскиот премиер најави дека Владата ќе упати покана до ОБСЕ. Со подготовки почна и граѓанската асоцијација Мост.

https://p.dw.com/p/10sIB
Фотографија: DW

Дипломатско-експертска екипа на ОБСЕ ги започна разговорите со партиите и скенирањето на можните проблеми во предизборната фаза, за време на гласањето и пребројувањето на резултатите од веројатните јунски парламентарни избори. Веќе постојат индикации за валкана партиско-медиумска пропаганда, има сомневање во веродостојноста на избирачкиот список, притисок врз избирачките комисии.

Logo ODIHR

Опозициските социјалдемократи побараа активна и многубројна набљудувачка мисија на ОДИХР. Тоа во разговорите со мисијата на ОБСЕ го побарале лидерите на СДСМ и на Нова демократија, Бранко Црвенковски и Имер Селмани. „Избори по терк на власта, и избори коишто ултимативно можат да бидат наместени, фалсификувани, манипулирани, со застрашување итн. Немојте да мислите дека во ова општество, и ако се седне на маса со премиерот Груевски и со другите евентуално партии, дека веднаш ќе се подобрат работите и политичката култура и дијалог ќе станат на повисоко ниво, ова е општество со голема недоверба“, кажа Гордан Георгиев, потпретседател на СДСМ.

Како што најави премиерот Никола Груевски Владата ќе упати покана до ОБСЕ да испрати свои набљудувачи, а во МНР го очекуваат самораспуштањето на парлементот за формализирање на барањето до ОБСЕ. Сабхи Јакупи, потпредседател на ДИК, од редовите на владејачкото мнозинство подвлекува дека во Македонија има кодекс за набљудување на избори, кој би важел и за странските набљудувачи.

Како и за вонредните избори 2008 година, кога ОБСЕ итно испрати претходница, така и сега е возможно тим од експерти, во најскоро време, да почнат со следење на предизборната кампања, особено однесувањето на медиумите. Тие пак и натаму се остро поларизирани - про и антивладино ориентирани, без големи шанси за избалансирани медиумски извештаи, како и политички дебати или меѓупартиски полемики. На демократската арена во Македонија подолго време се чувствува отсуство на цивилизирани и толерантен дијалог, дури и меѓу интелектуалците, рече универзитетскиот професор Јасна Котеска. „Не може во услови кога владејачката елита го ’фолира’ дијалогот и го сведува на одговори со да и не, и исто така не може во услови кога медиумите се тотално под контролира“.

Дарко Алексов
Дарко АлексовФотографија: Petr Stojanovski

Домашниот мониторинг главно го презема невладината организација Мост, која се’ повеќе ги следи изборите и во други земји, преку мисиите на ОБСЕ. Тие и годинава ќе го следат изборите во Македонија, вели Дарко Алексов.

„Граѓанската асоцијација Мост започнува со мониторинг од денот на распишување на изборите. Предмет на нашиот мониторинг се институциите односно ДИК и општинските изборни комисии, гласањето на изборниот ден, претходно однесувањето на учесниците во изборната кампања“, изјави за Дојче веле Дарко Алексов, директор на невладината Мост, која во досегашните четири-пет изборни циклуси во Македонија има обучено над 7000 доброволци.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска