Му пречи ли некому мирна мултиетничка Струга?
30 јануари 2012Повредени верски чувства или политиката пак замешала прсти? Јавноста ги бара причините за тензиите кои пред неколку дена почнаа во Струга. Струшкото муфтиство во петокот (27.01)организираше протестен митинг, на кој собра неколку илјади верници. Тие ја изразија огорченоста од маските на неодамнешниот карневал во Вевчани преку кои, според нив, се исмејувал исламот и се поврдувале нивните верски чувства. Бараа извинување од градоначалникот на Вевчани, од организаторите на карневалот, и нивно законско санкционирање.
„На карневалот може се‘ да се исмејува. Може политичари, поединци и здруженија, но не може верата и нацијата“, изјави градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.
Вевчанскиот карневал во вртлогот на недоразбирањата
„Замешана е политиката и мислам дека протестот значеше собирање ситни поени од страна на струшкиот градоначалник. Малку се искористи и муслиманската вера што не е добро. Настојуваме да се смири ситуацијата во секој поглед. Карневалот е вековна традиција, познат по сатирата и хуморот. Постојано имало исмејување со цркви и џамии, со попови и со оџи“, возврати градоначалникот на Вевчани Перо Илиески.
Невладината „Преродба“ од Лабуништа се повика на Уставот и законите во Македонија и соопшти дека е недомократски да се омаловажуваат другите. Но доколку не добијат извинување и соодветна реакција на институциите, најавија преземање ригорозни мерки насочени кон Вевчани и вевчанци - од отпуштања од работа до...:
„Бојкот на амбулантата во Лабуништа и Општата болница во Вевчани која живее и опстојува токму од муслиманите од Лабуништа и околината.“
Пораки со смртни закани до православните
По протестот, редица инциденти. Од јарболот пред општината беше симнато и запалено македонското знаме и поставено знамето на ИВЗ. Беше каменуван автобус од Вевчани, а следеше уште едно симнување на државното знаме пред Центарот за култура. Последните два дена се забележани поситни инциденти во селата Лабуништа, Боровец и Октиси, во кои жителите се од мешан етнички состав. Се кршат стакла на прозорците на амбулантите, црковни крстови и се пишуваат графити, дури и со смртни закани за православните. Загрижува и вербалната војна која зема замав на социјалните мрежи.
Инцидентите се увезени, тврди градоначалникот Мерко и апелира за смиреност во мултиетничка Струга:
„Поттикнувачите доаѓаат од други општини и места и инцидентите не се производ на стружани, кои со векови живеат одлично.“
Невладините организации од Струга ги осудија сите немили случки. Дел од нив велат дека ова значи предвреме почната кампања за локалните избори догодина. На градоначалникот Мерко му забележаа што беше во првата линија на протестот.
Ќе бидам секаде каде што ќе се впери прст против некоја нација и вера, одговори тој: „ Ако се исмејува православната вера и да излезат свештениците и јас ќе сум со нив, сигурно“, рече градоначалникот Мерко.
Против инцидентите се сите, но пак ги има
Смирувачки тонови за соживот стигнуваат од повеќе страни, но инцидентите зачестија. „Се работи за изолирани случаи и преку специјален тим будно ја следиме состојбата во Струга. Истрагата ќе треба да резултира со пронаоѓање и санкционирање на сторителите“, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР – Охрид.
„Против одредени радикални групи не може ниту добронамерниот верник, ниту добронамерниот градоначалник или политика да ги држи под контрола. Сепак тоа треба да го сторат органите на редот,“ смета градоначалникот на Вевчани.
Инцидентите во Струга кои се во насока на уривање на соживотот и верската и меѓуетничка толеранција вчера ги осудија и ВМРО ДПМНЕ и СДСМ . Опозицијата побара ВМРО ДПМНЕ и ДУИ да испратат заедничка јасна порака дека нема да ги толерираат политичките провокации кои си поигруваат со меѓуетничките односи.
Автор: Милчо Јованоски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска