Мојсовски успешно опериран во Австрија
21 декември 2013Мојсовски со повредата се здоби минатиот вторник (17.12.). На официјалната вебстраница на Металург стои дека оперативниот зафат во Австрија поминал добро и дека Мојсовски се чувствува добро. Се’ уште е рано да се каже колку време ќе трае рехабилитацијата на Мојсовски, но извесно е дека тој веќе ја заврши сезоната. Пред операцијата се правеа проценки дека за рехабилитација нему ќе му бидат потребни околу шест месеци. Од Металург им се заблагодаруваат на сите лица кои во минатите денови се интересирале за здравјето на Мојсовски. Пред да оди на операција Мојсовски зборуваше за поддршката на спортските фанови.
„Многу сум разочаран од тоа што ми се случи на синоќешниот натпревар, а од друга страна во вакви моменти можеш да ја почувствуваш поддршката на навивачите и на целокупната спортска јавност. Можам да кажам само едно големо благодарам до сите мои поддржувачи и да и’ ветам на целата македонска спортска јавност дека едно е сигурно – ќе се вратам подобар од порано“, рече Мојсовски. Тој во таа прилика рече дека го плаши почетниот психолошки притисок за време на рехабилитацијата. Мојсовски жали и што не може да им помогне на останатите ракометари од националниот тим на Европското првенство во Данска.
А, селекторот на македонската ракометна репрезентација Ивица Обрван е пред предизвик да најде соодветна замена за отсуството на Наумче Мојсовски од националниот тим. Тој порача дека репрезентацијата мора да покаже квалитетна игра, а таа денеска (21.12.) започнува со своите подготовки. Пред нивниот почеток беше промовиран и новиот дрес со кој ракометарите ќе играат на ЕП во Данска. Основниот дрес е во црвена боја, а резервните дресови се во жолта и бела боја.
Европското првенство во Данска ќе се одржи од 12 до 26 јануари 2014 година.