Москва и Анкара пред историска криза
26 ноември 2015
Тензиите меѓу Анкара и Москва откако Турција урна руски авион во близина на сириската граница се претвори во криза откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја откажа посетата на Турција. Русија испрати порака дека уривањето на авионот ќе има сериозни последици. Експертите кои ги консултираше ДВ се согласуваат дека двете земји се исправени пред историска криза и дека Анкара мора да усвои дипломатско однесување насочено кон решавање на кризата.
Турското тврдењето дека рускиот авион бил десетпати предупреден пред да биде соборен не го намали рускиот гнев. Анкара тврди дека ги штитела своите граници и дека нема да прави отстапки при нарушување на нејзиниот воздушен простор. Покрај тековната сириска криза, што ќе значи уште една голема криза, овојпат меѓу Турција и Русија?
„Постои историска криза во односите меѓу Турција и Русија. Турција мора да размисли како веднаш да ја реши кризата, или нема да има враќање назад“, вели Хасан Али Карасар, експерт за Русија од Универзитетот Атилим. „Доколку Турција не реагира искрено за отворените прашања, Русија сигурно ќе реагира далеку поостро“, смета тој.
Според Серхат Еркмен од Институтот 21 век, Турција реагирала претерано со соборувањето на рускиот авион. „Турција е чувствителна на проблемот со Туркмените. Русија беше свесна за ова. Постојаното руско нарушување на турскиот воздушен простор беше сфатено како намалување на влијанието на Турција. Турција сакаше да ја надмине оваа перцепција но реагираше претерано“, вели Еркмен.
Тешки последици за Турција
Економските аналитичари велат дека заострувањето на односите меѓу двете земји може да има тешки последици за турската економија.
„Турција увезува половина од јагленот кој и е потребен, а 31 процент доаѓаат од Русија. Турција увезува 55 проценти од вкупните количества природен гас и 16 проценти од нафтата, од Русија“, вели енергетскиот експерт Нечдет Памир.
„Турција гради нуклеарна централа со Русија. Таа е зависна од Русија за својата енергија и благодарение на својата лоша политика во Сирија сега е доведена во ситуација да не знае како да излезе од кризата. Доколку Русија најавува остри последици за соборувањето на авионот, тогаш тие се можни. Русија може да ја прекине испораката на природен гас кога сака“, вели Памир.
„Турција зазеде непотребен однос кон сириската криза. Се обиде да го урне режимот и со тоа овозможи раст на кризата во регионот. Сите знаат дека Русија никогаш нема да дозволи да ги загуби своите позиции во Сирија и во источниот Медитеран. Турција не само што заглави во криза, туку сега е единствената земја на која и се заканува војна“, вели поранешниот амбасадор Фарук Логоглу. Тој ја советува владата во Анкара да ги послуша советите од Западот и да стори да не дојде до ескалација на кризата со Русија.