1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ММФ: Банките се плашат да инвестираат на Западниот Балкан

БГ
13 ноември 2017

Недоволно финансирање, големо ниво на лоши кредити и лоши стечајни постапки го забавуваат растот на кредитирањето од банките во шесте земји на Западен Балкан, се наведува во извештај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ)

https://p.dw.com/p/2nWEj
Geldgeschäfte
Фотографија: picture alliance/dpa Themendienst

Надворешното финансирање на банките порасна за повеќе од 500 проценти пред 2008 година, што го зголеми економскиот раст во шесте земји- Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија. Во тој период, 70 до 95 проценти од банкарските средства во земјите беа контролирани од странски банки, повеќето со седиште во ЕУ.
Но, осум години по почетокот на светската финансиска криза, странските банки се уште гледаат ограничени можности во регионот, што пак ги наведе локалните банки да го ограничат финансирањето од странство и да се потпрат на самофинансирање, се вели во извештајот на ММФ. Приносот на капиталот падна меѓу 10 и 35 проценти за време на кризата и се уште не успеа да се поврати на предкризното ниво. Дополнително, голем процент на нефункционални кредити во повеќето земји и натаму и штети на профитабилноста.

За да се справат со слабиот раст на кредитите и да ги зголемат економските перспективи на регионот, државите ќе мора да обезбедат правна рамка за справување со нефункционалните кредити, да ги забрзаат правосудните реформи и да ги подобрат законите за стечај и несолвентност.

USA IWF Haupteingang
Oсум години по почетокот на светската финансиска криза, странските банки се уште гледаат ограничени можности во регионотФотографија: picture-alliance/dpa/J. Lo Scalzo

„Поради слабото судство банките претпазливо позајмуваат поради страв дека нема да можат да си го наплатат долгот“, вели ММФ. Мора да се подобрат и сопственичките права, затоа што несигурноста значи дека многу имоти не можат да се наплатат.

Освен овие ограничувања, повеќето земји имаат премногу банки. На пример Србија, најголемата од шесте земји, има 30 посебни банкарски мрежи.

За да се зголеми базата на финансирање и да им се овозможи раст на банките, земјите треба да развијат локални пазари на капитал каде банките ќе можат да издаваат корпоративни обврзници. Основањето на приватни пензиски фондови и компании за осигурување ќе ја зголеми побарувачката за банкарски обврзници и може да го зголеми домашното штедење, тврди ММФ.

И покрај здравиот економски раст од над 3 проценти- регионот заостанува зад своите европски партнери. Платите во регионот се само 30 проценти од нивото во еврозоната. 
Последната прогноза на ММФ вели дека економскиот раст во Македонија, наместо предвидените 3,2 отсто годинава ќе изнесува 1,9 проценти, а догодина 3,2 отсто. Буџетскиот дефицит годинава ќе достигне 2,3 отсто од БПД, а следната година за 0,2 проценти повеќе. Добрата вест е дека ќе продолжи минимално да се намалува стапката на невработеност.