1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Млади македонски спортски амбасадори во Нанџинг

Милчо Јованоски16 август 2014

Од 16 до 28 август, Кина е домаќин на Вторите летни младински олимписки игри. Меѓу 3600 спортисти од 204 земји од светот во олимпиското село во градот Нанџинг веќе се и пет млади спортисти од Македонија.

https://p.dw.com/p/1Cvgu
Фотографија: Milco Jovanovski

Иако, ниту една млада спортска екипа или млад спортист не обезбеди норма за учество на игрите, Македонскиот олимписки комитет обезбеди учество за пет млади спортисти од Македонија кои ќе имат можност да ги одмерат своите сили со врсниците од целиот свет. Во македонскиот олимписки тим се: Јован Јованоски и Андреј Петровски. Тие ќе се натпреваруваат во велосипедизам – екипно. Ана Ивановска - спортски стрелец ќе настапи во дисциплината 10 метри -воздушна пушка. Македонските бои во пливање на 200 и 400 метри ќе ги брани Стефан Јанкулоски, а Елмедин Сејфулау ќе се се натпреварува во борење – слободен стил. Шеф на мисијата е поранешниот одбојкар Владимир Боегоевски, сега спортски директор на МОК.

Нина Балабан прв македонски младински амбасадор на олипијадите

Македонскиот олимписки комитет преку своите контакти со ИОК обезбеди официјални покана и за Нина Балабан – стрелец од Охрид, која е назначена за млад спортски амбасадор од Македонија на игрите во Нанџинг.

Nanjing Shopping Street in Shanghai Nanjing Lu - Nanjing Road
НанџингФотографија: Imago

„Спортската култура значи одделување на младите од улиците, пороците, дрогата и алкохолот, преку спортот младите да ги достигнат своите цели и остварат своите сништа, преку спортот да ги шират своите културни и историски вредности, да ги шират пријателствата меѓу народите, обичаите и вистинските вредности. Олимписките игри не се само борба за трофеи, туку и место на собирање на луѓе од сите нации, раси, луѓе од целиот свет кои остваруваат нови пријателства, шират толеранција и ги разменуваат своите културни вредности. Стремеж светот да е подобро место за живеење, Тоа се нашите предизвици како млади амбасадори“ вели Балабан.

Настапот на Олипијада е сон и желба за секој спортист

Близу 4000 спортисти во Нанџинг ќе се натпреваруваат во 28 спорта и во 220 дисциплини.Македонските млади велосипедисти Јован и Андреј ќе се натпреваруваат во вкупно пет дисциплини од кои само една им е заедничка. Јован Јованоски од Охрид кој зад себе има низа меѓународни натпревари и награди вели дека од почеток негова желба е учество на олимпијада: „ Кога почнав по професионално да се занимавам со велосипедизам се натпреварував на Корзика со тренер од Словенија. Тој во една пауза ме праша: ’Што сакаш да постигнеш со возењето велосипед. „Тур де Франс“ или Олимпијада? Јас му реков што поголем резултат и желбата за олипијада повеќе ми се допаѓа.' Еве сега тоа ми се оствари. Чест ми е што ќе го носам македонскиот дрес во црвено – жолта боја. Ќе се трудам да ја преставам Македонија најдобро што можам. Досега на младинска олипијада сме немале македонска екипа. Ова ќе биде прв пат јас и мојот колега Андреј Петровски се надевам нема да ве разочараме.“

Борачот Елмедин Сејфулаи на последните две Европски кадетски првенства освои бронзени медали. Неговите настапи во Кина се меѓу 25 и 27 август: „Сонот на секој спортист е да учествува на Олимписки игри. Че дадам сѐ од себе и се надевам дека ќе освојам медал“, со доза на оптимизам додава Сејфулаи.

Nanjing China Olympische Jugendspiele Ohrid
Јован Јовановски и Нина БалабанФотографија: Milco Jovanovski

Македонија да се заврти и кон поединечните спортови и во нив има таленти

Нина, Ана, Јован, Андреј, Елмедин и Стефан секој во својот спорт по олимпијдата влегуваат во нов олимписки циклус. Тие ќе бркаат квоти за пласман на идните Летни Олимписки игри во Рио во 2016 година. Нивна желба е државата да ги препознае нивните и вредностите на спортистите во други дисциплини и преку државна олиписка стипендија да ги стимулира во постигнување на потребните норми за учество на олимпијада.Согласни се дека Македонија последниве години е фокусирана на развој и поддршка на екипните спортови како што се кошарката и ракометот, каде што веќе има резултати. Но бараат државата да се сврти и да им помогне на талентите и во поединечните спортови кои најчесто се скапи, а младите спортисти се оставени финансиите за учества на разни натпревари да ги сносат сами или да бркаат спонзори.

Меѓународниот олимписки комитет уште во 2001 година разви идеја за вакви Младински Олимписки игри за во 2010 година во Сингапур за прв пат и да се одржат Младинските олимписки игри. Игри на кој право на учество имаат само млади спортисти на возраст од 15 до 18 години. Оваа година правилата налагаат учество на млади спортисти родени после 1 јануари 1996 година.