1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите сѐ повеќе гласаат за крајната десница

Карла Блајкер/бг21 декември 2015

Во ЕУ, која беше создадена на идеалите за демократија и инклузивност, сѐ повеќе млади луѓе се вртат кон крајно десните партии кои ги привлекуваат со едноставни пораки. Според некои експерти, демократијата е во опасност.

https://p.dw.com/p/1HNWQ
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Zak

Националниот Фронт во Франција и Партијата на слободата (ФПО) во Австрија се само два примера на крајно десни националистички партии кои добиваат сѐ поголема поддршка во земји-членки на ЕУ, а особено се популарни меѓу младите гласачи. Иако Националниот Фронт не победи во ниту еден регион во вториот круг од изборите во Франција, сепак успеа да освои 35 отсто од гласовите на лица меѓу 18 и 34 години возраст, во првиот круг. На покраинските парламентарни избори во регионот на Виена, ФПО освои 24 проценти од гласовите меѓу лицата помлади од 30 години.

Во земји како Холандија, Данска и Полска, крајно-десните партии добиваат сѐ повеќе поддршка кај младите гласачи. Една од причините: тежнеењето кон национален идентитет во рамките на ЕУ.

Frankreich Zweite Runde der Regionalwahlen 2015 Marine Le Pen
Марин Ле Пен, претседател на Националниот Фронт во ФранцијаФотографија: Reuters/Y. Herman

„Крајно десните партии му даваат големо значење на прашањето на идентитетот“, изјави Јан Филип Албрехт, член на Европскиот парламент од германските Зелени, за весникот Ди Велт. „А тоа е нешто што ги привлекува младите“.

Кампања со хип-хоп

Во Австрија, поддршката за ФПО не доаѓа само од сите млади гласачи, туку од една специфична група: млади луѓе со ниско ниво на образование. Партискиот лидер Хајнц-Кристијан Штрахе се обидува да го привлече ова население презентирајќи се себеси како опуштен и скромен. Тој не носи костуми, туку фармерки и очила за сонце, а дури сними и музички спот со раперот МЦ Блу како реклама за регионалните избори во октомври. Во него, млади луѓе го извикуваат неговото име, а во позадина оди електронска верзија на „Синиот Дунав“.

Иако на прв поглед тоа изгледа чудно, одлично се вклопува во идејата на ФПО за привлекување на гласачи од младите генерации. „Тие имаат агресивна кампања, но нивната програма не игра голема улога“, вели Гертруд Диендорфер од Демократскиот центар во Виена. „Тие имаа јасни и многу едноставни пораки“.

Централната порака е поделбата на „ние и тие“, која станува многу популарна особено во земјите кои имаат проблеми поради бегалската криза. Австрија е една од тие земји низ кои минуваат илјадници бегалци, а голем дел и остануваат.

Многу млади луѓе со ниско образование се загрижени дека бегалците ќе им ги земат ниско-платените работни места, и од тие причини се приближуваат до ФПО. А во ФПО знаат точно како да ги освојат.

„Ноќе одат во дискотеките и таму разговараат со луѓето“, вели Диендорфер. „Нивната реторика е полна со црно-бело: странците се неблагодарници, различни се и помалку вредни од 'нас'.“

Но проблемот не е присутен само во Австрија. Унгарскиот премиер Виктор Орбан изгради ограда против бегалци и бара од граѓаните на референдум да се изјаснат дали бегалците треба да бидат депортирани, затворени или осудени на тешка работа, доколку влезат нелегално во земјата.

И во Германија расте непријателското чувство кон бегалците, како што покажува и растечкиот број на запалени прифатни центри. Но деснорадикалната Национално демократска партија (НПД) не е толку успешна како националистичките партии во другите европски држави. Рудолф ван Хилен, политички аналитичар и експерт за десничарски екстремизам, верува дека младите луѓе во Германија не се заведени од НПД, затоа што се добро едуцирани за она што се случи кога последен пат радикално-десничарски режим ја имаше власта за време на Третиот рајх. Раната превенција е клучна, вели тој.

Berlin NPD Demonstration Fahne Flagge Symbolbild
Демонстрации на НПД во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

„Тоа е она што ги прави младите помалку подложни на сите форми на екстремизам: десничарски, левичарски, исламизам“, смета Ван Хилен.

Опасност за демократијата

Општеството треба да интервенира онаму каде што националистичките партии добиваат популарност меѓу младите, вели Гертруд Диендорфер. Таа смета дека на партиите како ФПО и сличните не треба да им се остави простор да ја шират својата реторика меѓу младите. Другите политичари треба да им пристапат на младите кои имаат чувство дека етаблираните партии немаат што да им понудат. Доколку овој јаз меѓу младите разочарани гласачи и демократските партии не се надмине, може да има сериозни последици за Европа, смета Диендорфер.

„Мораме сериозно да се справиме со овој феномен во Европа“, вели таа. „Сѐ поприсутните ксенофобија и предрасуди и растечката дистанца меѓу младите гласачи и политичарите претставуваат опасност за демократијата и за отвореното, либерално општество“.