1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите Иранци не гледаат иднина во сопствената земја

Шабнам фон Хајн
22 јуни 2019

Со оглед на последните растечки тензии со САД, во Иран се шират бесперспективноста и фрустрациите. Пред сѐ младите, добро образовани Иранци сѐ повеќе размислуваат да ја напуштат земјата.

https://p.dw.com/p/3Kq8L
Couchsurfing im Iran
Фотографија: DW/F. Schlagwein

Џавад научил одлично да зборува германски. Тој сака да се исели. „Студирав маркетинг и имам неколку години работно искуство. Но, нашата економија во моментов е на дното. Многу компании банкротираа и ситуацијата се влошува секој ден," се жали овој 28 годишен маж во разговор за ДВ.

Над земјата се надвиснати страв и безнадежност. Тензиите меѓу САД и Иран значително се зголемија за една година. САД го обвини Иран дека стои зад нападите врз два нафтени танкери во Оманскиот Залив на 13 јуни. Американската влада дури и објави видеа како доказ, но нивната автентичност не може да се потврди. Германската канцеларка Ангела Меркел за ставот на американската влада во вторникот во Берлин изјави: „Се разбира сите овие изјави ги земаме многу сериозно, а постојат и големи докази." Сепак таа смета дека преговори се вистинскиот пат за решавање на тензиите.

Атомскиот договор

САД веќе подолго време го обвинуваат Иран дека го поттикнува тероризмот во регионот што води кон нестабилност.  Пред една година САД, под раководство на Доналд Трамп, унилатерално го прекинаа атомскиот договор. Меѓу другото, договорот кој официјално се вика Заеднички сѐопфатен план за акција, предвидува Иран да го ограничи правото на збогатување на ураниум и да дозволува контроли од Меѓународната атомска агенција, МААЕ. За возврат на Иран му беше ветено дека ќе му бидат укинати санкциите и ќе добие поддршка за економски развој. Иако иранската страна си го исполни делот од договорот, како што неколкупати беш потврдено од страна на МААЕ, САД најавија излез од договорот и ја започнаа „Кампањата за максимален притисок". Ова пред сѐ значеше сѐопфатни економски санкции.  Европската унија се обиде да го ублажи притисокот на САД и со дополнителни мерки да се заобиколат санкциите, но не успеа во тоа.

Iranischer Rial und US Dollar
Иранската еономија е во кризаФотографија: picture-alliance/dpa/U. Baumgarten

Младите под притисок

„Нашата земја е западната во ќорсокак и не верувам дека ќе можеме да излеземе од оваа мизерија," вели Џавад. Тој е израснат во северен Иран. Неговото семејство поседува полиња со ориз и тие се земјоделци. Но, Џавад сакал поинаков живот и се преселил во главниот град. „Морав напорно да работам, за да можам да застанам на нозе во Техеран. Нашата земја е централизирана и Техеран е срцето на Иран. Само тука човек има шанса за поинаков живот. Но сега се повеќе луѓе размислуваат како мене и сакаат да се иселат во странство."

Една третина од Иранците порадо би живееле во друга земја, признава дури и комесарот за култура на градот Техеран. Мохамадреза Џавади Јегане дури напиша и на Твитер: „Според една студија 29,8% од населението поради општествената, културолошката и моралната ситуација во земјата сака да живее во странство. Тоа е жалосно. Уште пожалосно е тоа дека ова се резултати од студија направена во 2016 година, кога ни одеше подобро.“

Висока стапка на иселување

Уште по исламската револуција во 1979 година, Иран им припаѓа на земјите со висока стапка на иселување и тоа од редовите на академици, интелектуалци и научници. Нема официјални статистики за тоа, но во мај 2012 година иранскиот дневен весник „Шарк“ објави резултати од една студија за емиграција на одлични студенти. Како референца тие земаа резултати од училишни натпревари, како на пример Јуниорска научна олимпијада (ИСЈО), или Меѓународна олимпијада по математика (ИМО). Според студијата 70 проценти од сите добитници на медали по физика, 77% од наградените по математика и 50% од најдобите хемичари и информатичари кратко по матурирањето се иселувале. Според една друга студија на американската влада од март 2019 година секој четврти добро образован Иранец ја напушта земјата кога ќе му се укаже прилика за тоа. Според студијата причината лежи во надеж за поголема социјална и верска слобода и подобри перспективи за вработување.

Iran Hochschule in Teheran
Неуморна борба за рамноправност на иранските жениФотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Со последни сили

„Секој ден сме преплавени со лоши вести. Секој ден сме соочени со настани кои може да ни го превртат животот, а врз кои ние немаме никакво влијание," вели Фарзане Ебрахимзадех пренесувајќи ја загриженоста на многу Иранци кои ја изгубија контролата врз сопствениот живот. Оваа фриленс новинарка ја истражува современата историја на Техеран. Таа има над 30.000 следбеници на социјалните мрежи како Твитер. На пример, таа пишува за работи како неуморната борба на жените за рамноправност и за подобар живот.

И Ебрахимзадех е лично уморна и резигнирана. Во разговор за ДВ таа потврдува дека исто се чуствуваат и многу нејзини сограѓани.  „Мојата надеж за подобра иднина во Иран е рамна на нула.  Минатата година можев да испланирам барем една недела од мојот живот. Сега најмногу можам да го испланирам следниот саат."

Нема знаци дека состојбата во Иран ќе се подобри во догледно време. Напротив, иранската влада постави ултиматум кон останатите договорни страни во однос на атомскиот договор. Иран најдоцна на 7 јули 2019 година ќе излезе од договорот ако земјата конечно не ги добие ветените економски придобивки.