1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите веќе не го напуштаат Горажде

Бенун Сапчанин
16 декември 2019

Додека многумина млади заминуваат од БиХ во потрага по работа, примерот на стручно образование во Горажде од пред две години покажува дека може и поинаку.

https://p.dw.com/p/3TgFH
Gorazde: Erfolgreiches Bildungssystem
Фотографија: DW/B. Šapčanin

Ернад Мршо е еден од примерите дека може да се остане и да се живее од сопствена работа во БиХ. Благодарејќи на сегашните примања од околу 700 марки (350 евра) тој успеал да изнајми стан во центарот на градот и за започне самостоен живот. Договор за шест месеци добил штом завршил средно училиште за занимањето ЦНЦ оператор, а по истекот на договорот, ако се покаже како добар работник, ќе добие стално вработување.

„Кога ми заѕвони телефонот и слушнав дека сум избран, во првиот момент не верував, секако веднаш потоа прифатив со радост. Сакав да почнав самостоен живот и да се преселам во центарот на градот, бидејќи семејната куќа во село Иловача е десетина километри од Горажде“, вели за ДВ Ернад Мршо.

Ернад знаел дека не може да замине од кај родителите додека не се вработи. Сега од платата може да плати станарина, да купи се` што му треба, а понешто и да им помогне на родителите, со оглед што платите кај нив се мали.

Слична е и приказната на Санин Бахта, кој три години се школувал за обработувач на гуми во средното стручно училиште „Џемал Биједиќ“ во Горажде.

„Во моето семејство главно се занимаваат со автопревоз. Мојот татко е самостоен автопревозник и веруваше дека и јас ќе тргнам по истиот пат. Но, јас решив да го работам она за што се школував и што најдобро знам да го работам“, вели Санин Бахта. Тој една година бил на практична настава во претпријатието „Превент“ во Горажде, каде стекнал знаење и рутина која сега ја применува во фирмата „ЕБИ“.

За стручно образовение е потребно исполнување услови

Процесот на забрзано вработување на млади стручни кадри е можен благодарение пред се` на германската организација за развојна помош ГИЦ која од 2017 година во средното стручно училиште „Џемал Биједиќ“ и во средното училиште „Хасип Хаџовиќ“ во Горажде имплементира проект на стручно образование на ученици по примерот на дуалниот систем раширен во земјите на западна Европа.

Gorazde: Erfolgreiches Bildungssystem
Адмир Куртовиќ, директор на училишттео „Џемал Биједиќ“Фотографија: DW/B. Šapčanin

„Во школската 2018/2019 година  стотина ученици од Горажде извршуваа практична настава во седум компании во градот, кои пред стапувањето во овој процес имаа обврска да се акредитираат според новиот правилник за изведување практична настава“, вели Адмир Куртовиќ, директор на училишттео „Џемал Биједиќ“.

„Покрај седум производни компании кои ги имавме досега, извесно е вклучување на проектот и на трговски фирми, како и на угостителки објекти“, истакнува Куртовиќ.

„Благодарение на стручното оспособување на ученици, со што е олеснето наоѓањето работа, кај Службата за вработување во Горажде одредени занимања воопшто и нема“, гордо заклучува претседателот на стопанската комора, Џевад Теровиќ.

„Пред примената на стручно оспособување е направен и правилник за тоа кој може да биде ментор и кои услови фирмите мора да ги исполнуваат за да можат да извршуваат практичен дел од наставата на учениците. Процесот толку напредуваше што сега менторите учествуваат дури и во утврдувањето на конечната оценка на учениците“, вели Теровиќ.

Фирмите ги отворија вратите за ученици од стручната и техничката школа

Фабриката за алати Горажде е една од седумте претпријатија од подрачјето на Босанско-подринскиот кантон која ги исполни потребните услови и која е вклучена во процесот на образование. Ваков вид стручно оспособување корист им носи и на учениците, но и на компанијата, велат во менаџментот.

„Ние имаме голема потреба од стручен и квалитетен кадар и тоа за занимања ЦНЦ оператори и обработувачи на метали со режење, па затоа со задоволство влеговме во проектот. Ова е почеток, но не треба да сме нескромни, ова е голем исчекор за сите, за работодавачите и за учениците, но и целиот средношколски систем на образование“, вели Аида Кудуз од Фабриката за алати Горажде.

Повеќе: 

„Земја на старци и сиромашни“

БиХ: Со лажна диплома до работа во Германија

Здружението на граѓани за локални развојни иницијативи (АЛДИ) од Горажде низ бројни реализирани проекти настојува преку две децении да го смали дисбалансот меѓу понудата и побарувачката на пазарот на работна сила. Благодарение на проектите поддржани од страна на ЕУ и други партнери на Здружението, АЛДИ придонесо за преку 1.500 невработени да стекнат знаења и вештини од кои 1.000 добиле вработување.

Gorazde: Erfolgreiches Bildungssystem
Мелиха Гачанин, директорка на АЛДИ ГораждеФотографија: DW/B. Šapčanin

Мелиха Гачанин, директорка на АЛДИ Горажде вели дека Министерството за образование, фирмите од Горажде, училиштата и АЛДИ заеднички идентификувале занимања потребни на пазарот на труд, а потоа се тргнало во изработка на наставни планови и програми. Таа споменува дека се воведени и нови занимања како пластичари, зашто претпријатијата покажале големо интересирање за нив. 

Со оглед што Босанско-подринскиот кантон има околу 800 средношколци, стотина вклучени во проектот на стручно оспособување и не се толку малку, велат актерите во процесот. Уште следната учебна година бројот вклучени претпријатија, а со тоа и ученици, ќе биде значително поголем.

„Клучот за дуалниот систем на образование, како во БиХ, така и во Германија, Швајцарија или било која друга земја, е всушност потребата на стопанството“, вели Мајда Толиќ, стручен советник во проектот на германската организација ГИЦ.