МКГ: Политичката криза во Македонија се влошува
3 мај 2016Политичката криза во Македонија се влошува, предизвикувајќи широки домашни и меѓународни критики и повеќедневни протести, оценува Меѓународната кризна група во месечниот извештај за мај.
Извештајот ги нотира случувањата изминатиот месец, набројувајќи ги настаните кои влијаеле врз оценката.
„Опозициските Социјалдемократи најавија бојкот на изборите закажани за 5 јуни, додека одлуката на претседателот Иванов да ги амнестира сите политичари соочени со истраги за кривични дела, ја поткопа работата на Специјалното обвинителство кое имаше задача да ги истражува сомневањата за нелегално прислушкување“, наведува МКГ.
Наведени се и упадот во Народната канцеларија на претседателот Иванов, како и откажувањето на разговорите кои со посредство на ЕУ требаше да се одржат во Виена. Цитирана е најавата на обвинителката Катица Јанева дека СЈО ќе продолжи со работа и покрај опструкциите од претседателот Иванов и од власта, а нотирано е и дека на 27 април во својот дом е пронајден застрелан еден сведок на СЈО.
МКГ посочува дека и невладината организација Фридом Хаус во својот последен извештај ги оценила македонските медиуми како „неслободни“.
Македонија е сместена во групата земји и територии во кои се евидентира влошување на состојбата. Во групата се уште и Авганистан, Бангладеш, Гамбија, Ирак, Нагорно Карабах (Азербејџан), Република Конго и Сирија.
Извештајот на МКГ од претходниот месец укажуваше на ваквиот развој на состојбата. Во него беше забележано дека разговорите за медиумските реформи, согласно Договорот од Пржино, запреле; дека Уставниот суд укинал закон со што повторно му го вратил на претседателот правото да помилува и покрај протестите и повиците од ЕУ да се гонат сторителите на изборни прекршоци.