1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Заборавените Евреи“ во Појасот Газа

Дана Регев/сн12 јули 2015

Нa прв поглед не би се рекло дека пред една година беснееше војна и на териториите на Израел во палестинскиот Појас Газа. Ама само на прв поглед.

https://p.dw.com/p/1Fuv4
Фотографија: Reuters

Земјоделците ја обработуваат земјата, тракторите ја ораат, а студентите во групи одат во локалниот Сапир колеџ, во близината на градот Сдерот.

Сепак, луѓето во овие краишта велат дека кусата војна минатата година, која израелските официјални претставници ја нарекоа „Заштитен раб“, во целост им ги пореметила плановите.

„Уништен ми е заштитниот ѕид која сама го направив. Само падна. Првпат чуствував вистински страв“, вели Јам Брауде-Амитаи, 29-годишна жена од кибуцот (локална еврејска заедница) Ерез, во близина на северната граница Ерез во Газа.

„Ми беше страв да бидам сама, да одам сама во бања, да фрлам ѓубре, да правам најобични работи. Престанав и да џогирам“, додава таа.

Ein Jahr nach dem Gaza-Konflikt 2014 (Bildergalerie)
Јам Брауде-АмитаиФотографија: DW/D. Regev

По години поминати во Европа и во Австралија и по обидот да живее во Њујорк, Јам Брауде се одлучи да се врати во родниот крај со својот сопруг и четиримесечното бебе. Иако куќата на нејзините родители во Кфар Ази е целосно уништена во ракетен напад за време на операцијата „Столб на одбрана“ во 2012. година, таа тврди дека минатогодишната војна променила се’.

„Кога ќе се разбудам во текот на ноќта за да го нахранам детето, слушам звукови. Не знам дали си замислувам, ама денес ми е жал што ја исмејував бабa ми кога ни велеше дека слуша звукови“, вели Брауде.

Чувство на очај

Во војната која траеше 50 дена, загинаа 67 израелски војници и пет цивили, додека ранети беа над 1.600 војници и 830 цивили. Загубата на страната на Палестиниците беше уште поголема. Во најстрашниот напад врз Појасот Газа од неговото основање наваму, беа убиени повеќе од 2.100 луѓе, поголемиот број цивили.

„Чувството беше како никогаш да нема да престане. Со време научивме да се фокусираме на надежта дека нешто ќе се промени, но по последната војна тешко е да се надеваме на промени“, смета Брауде.

Изборите во март, по кои повторно на власт беше избран конзервативниот премиер Бенјамин Нетанјаху, беа уште еден пресвртен момент кој, вели таа, „само го зголеми чувството на очај“.

„Многу луѓе мислат дека Палестинците и Евреите можат да живеат заедно. Некои дури имаат и искуство, бидејќи растеле во време кога и навистина било така. Посебно оние кои живеат тука знаат дека употребата на сила нема да помогне, а и не изгледа дека која било влада ќе сака нешто да промени.“

Ein Jahr nach dem Gaza-Konflikt 2014 (Bildergalerie)
Фотографија: DW/D. Regev

Поделена нација

Многумина мислат дека заедниците во непосредна близина на Газа, на 55 минути возење од Тел Авив, се напуштени. Голем број Израелци опцијата да живеат во близината на Газа ја оценуваат, во најмала рака, за неодговорна, сметајќи дека на тој начин само ја предизвикуваат судбината.

„Нема врска каде живеете“, вели 28-годишниот Ади Батан-Меири од Сдерот. Тој истакнува дека пред 5 години било незамисливо оти некој ќе ја ракетира Бершеба, одалечена 50-тина километри од Газа Сити.

Тој верува дека политичкиот договор е единствено решение.

„Бесмислено е да се бега од борбените линии, бидејќи тие ќе тргнат по вас, ќе ве ловат. Единствен начин да го избегнете огнот е да не го прифатите неговото постоење, што значи мора да повлекувате храбри политички потези“, смета Меири.

Ставовите на екстремистите на двете страни на политичкиот спектрум во Израел силно беа пропагирани за време на војната, што доведе до бран на насилство и расизам во земјата. На социјалните мрежи се појавија бројни групи кои повикуваат на борба против левицата, а левичарските и десничарските демонстранти излегоа на улиците да го искажат своето противење на војната.

„Операцијата Заштитен раб предизвика повеќе екстремизам, отколку што било некогаш порано“, смета Ана Ројтман, поранешна студентка на колеџот Спаир, која живее во Бершеба.

„Во еден момент избришав десетици пријатели на Фејсбук, од причина што веќе не можев да ги гледам ни да ги слушам нивните пораки“, вели Ана.

Karte Israel Sderot Beersheba Englisch
Градот Сдерот е оддалечен само 55 минути возење од Тел Авив

Надеж во иднината

Повеќето луѓе на југот на Израел се песимисти кога станува збор за мировниот договор, така што и привремен мировен договор им звучи како недостижен сон. Ракетирањата во овој дел на Израел се толку чести, што населението веќе не се сврнува на сѐ поретките медиумски извештаи за нападите.

„Веќе не гледам никаква надеж. На сето ова му нема крај, сигурно не со оваа влада. Заморени сме од обидите за решевање на ситуацијата со насилство. Насилството ништо не решава, акции мора да се преземаат на политички план. Некои ќе речат дека немаат политички партнер за договор, ама во последниве години не е иницирана никаква политичка акција. Мора да се обидеме“, вели студентката Аран Горен.

За Брауде, решението е во преговори и во надеж.

„Денес веќе никој не говори за мир. Мирот стана нереален, утописки поим. Како можеше тоа да се случи, а сите толку го посакуваме?“, се прашува Брауде.