1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милошоски и Алити предложени за потпретседатели на Собранието

СН/жа/миа1 јули 2014

Антонио Милошоски и Рафиз Алити се предложени за потпретседатели на македонскиот парламент, додека третото потпретседателско место ќе биде дополнително пополнето поради бојкотот на опозицијата на работата на Собранието.

https://p.dw.com/p/1CTXO
Фотографија: MAKFAX

Собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата денеска на седница ги утврди предлозите што ќе ги достави до Собранието. Се очекува одлуката да биде донесена на утрешната седница на Парламентот.

Претседателот на Комисијата Зоран Илиоски посочи дека поради неучеството на опозицијата во работата на Парламентот дополнително ќе биде предложен третиот потпретседател на Собранието.

Пратеничката Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека со ваквиот избор на потпретседатели на Собранието на Република Македонија (Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Алити од ДУИ) на меѓународната јавност и на граѓаните им се испраќа една многу силна порака и јасна слика за определбата на земјата како мултиетничко општество. „Имаме искусни кандидати за потпретседатели што само ќе значи сигурност дека ќе се продолжи во континуитет со реализирањето на сите обврски и задолженија во Собранието и тие ќе имаат придонес во ефикасноста, ефективноста и квалитетот на работата“, смета таа.

Оставањето место за кандидатот на опозицијата, според неа, покажува дека Собранието води сметка за застапеноста на сите политички партии согласно Деловникот.

Комисијата денеска донесе одлука за составот на Националниот совет за евроинтеграции, но со празни места за опозициските пратеници. Според тоа, претседателското место е празно, додека за потпретседател е предложен координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.